Во фаза сме на пристапување кон Центарот за извонредност, за сајбер безбедност, кој е практично дел од НАТО меѓутоа е сместен во Естонија. Многу наскоро ќе ја видиме и Северна Македонија, односно експертите од нашата држава коишто ќе бидат присутни во однос на унапредувањето на сајбер безбедноста на нашите институции, изјави премиерот Димитар Ковачевски од Талин по средбата со неговата естонска колешка Каја Калас.
Тој додаде дека со естонската премиерка разговарале за соработката која ја имаат двете држави во дигитализацијата, со оглед на тоа што Естонија е една од најразвиените држави во овој сегмент.
Секако дека тоа се однесува на голем број на проекти кои се водени кај нас, меѓутоа и оние кои ќе следуваат, особено воведувањето на електронска лична карта за граѓаните на Северна Македонија, проект кој е во моментов започнат преку акциски план во МВР и соодветни други институции во државата, истакна Ковачевски.
Премиерот, исто така, нагласи дека Естонија е една од нашите најпријателски држави особено во делот на поддршката за проширување на ЕУ.