Европската унија планира да им помогне на земјите од Западен Балкан во спроведувањето на реформите неопходни за интеграција во богатиот блок со инвестиција од 6 милијарди евра, изјави во Скопје претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Северна Македонија, Албанија, Косово, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина треба да ја искористат можноста за проширување на ЕУ и да се ангажираат во усогласување на сопствените стандарди со оние кои се на сила во Унијата, истакна Фон дер Лајен.
Таа додаде дека новиот план на ЕУ за раст на регионот ќе вклучи и отворање на заеднички пазар кон земјите од Западен Балкан во области како што се слободното движење на стоки и услуги, транспорт и енергија.
Фон дер Лајен ги повика земјите да отворат заеднички регионален пазар и да продолжат со неопходните реформи.
Северна Македонија, на пример, треба да го реформира своето деловно опкружување, да создаде ефикасна јавна администрација, да обезбеди здрави јавни финансии и да ја зајакне борбата против корупцијата.
Според неа, нашата земја треба да го измени својот устав и да ги признае Бугарите како малцинство, како што бара Бугарија, што ќе и овозможи влез во ЕУ.
„Овие реформи ќе дојдат со инвестиции“, додаде Фон дер Лајен на прес-конференцијата одржана со премиерот Димитар Ковачевски на почетокот на нејзината турнеја низ Западен Балкан.
Подоцна денеска таа го посети Косово. Таму таа ги повика властите да му дадат поголема автономија на српското малцинство, кое сочинува околу пет отсто од населението, со создавање Заедница на српски општини.
Србија и Црна Гора први во регионот започнаа преговори за членство во ЕУ, а потоа минатата година Албанија и Северна Македонија започнаа преговори со Брисел.
Но, БиХ и Косово се уште се далеку зад своите соседи во овој процес.
Г. Т.