Доколку стане членка на Европската унија, Србија ќе мора да се бори за својот национален идентитет, бидејќи во ЕУ се примаат исклучиво врз основа на генетски модифицирана национална свест, изјави портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија,, Марија Захарова.
Таа даде изјава по повод интервјуто на српскиот вицепремиер и министер за одбрана Милош Вучевиќ за весникот „Политика“, во кое тој меѓу другото изјави дека Србија „мора да стане полноправна членка на Европската унија, бидејќи тоа ќе донесе придобивки за нејзините граѓани“, но дека нема намера да воведува санкции против Русија, како и дека таа ќе одржува „партнерски односи со Кина, како и со арапскиот свет, Индија, Африка и двете Америки“, пренесуваат српските медиуми.
„Одличен говор. Единствениот проблем е што во ЕУ се примаат исклучиво врз основа на генетски модифицирана национална свест“, напиша Захарова на Телеграм.
Таа ги наведе како пример Полска и Унгарија, кои како полноправни членки на Европската унија „буквално се принудени да се борат за зачувување на својот национален идентитет“.
„Арбитражи, судови, дури и внатрешни санкции – додека се членки на НАТО и постојано гласаат за незаконски антируски санкции. И не треба да се изгуби од вид западната корупција: тие ветуваат многу, а кога ќе го добијат тоа што го сакаат, ништо не исполнуваат“, истакна Захарова.
Г. Т.