„Северна Македонија ја позициониравме и овозможивме да биде почитувана и повлијателна од кога било. Земјата ја донесовме пред вратите на ЕУ, ги започнавме преговорите и го завршивме скринингот, бидејќи за нас друга алтернатива не постои“ рече премиерот Димитар Ковачевски на конференцијата „Година на европски можности“.
Тој додаде дека само со членството во ЕУ, Северна Македонија може да биде меѓународно посилна, да се подигне квалитетот на живот и да има поконкуретна, иновативна и отворена економија на човечки капитал, раст и развој.
„Македонските граѓаните се за ЕУ, а ние во овие години покажавме и докажавме дека постапуваме и ја почитуваме волјата на граѓаните. Тие знаат дека со членството во Унијата влетуваме во европско семејство и европски механизам кој нема да ни дозволи сами да поминме ниту една економска или финансиска криза“ рече Ковачевски.
Премиерот додаде дека за нашите граѓаните, животот во ЕУ не значи карта во еден правец и иселеничка виза, туку подобар стандард, повисокоплатени работни места и европски вредности дома, во нашата држава.