Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ денеска во Скопје ќе одржи конвенција за избор на кандидат за претседател на државата, за која функција на партискиот повик се пријави професорката Гордана Силјановска-Давкова.
Силјановска-Давкова, која е актуелен пратеник во Собранието, беше канадидат на ВМРО-ДПМНЕ и на претходните претседателски избори во 2019 година.
Владејачката СДСМ, пак, утре ќе одржи конгрес на кој треба да се официјализира поддршката за актуелниот претседател Стево Пендаровски, кој вчера најави дека ќе се кандидидира за втор мандат.
Во трката за шеф на државата на изборите во 2019 година, Пендаровски победи со освоени 436.212 (51,66%) гласови во вториот круг, наспроти Силјановска-Давкова која освои 377.713 (44,73%) гласови.
И Силјановска – Давкова и Пендаровски поддршка за кандидатурите оваа година ќе побараат и со собирање граѓански потписи од утре.
Потребните 10 000 потписи од граѓаните веќе ги собраа лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, актуелниот министер за надворешни работи Бујар Османи кој е кандидат на ДУИ, кандидатот и претседател на ГРОМ Стевче Јакимовски, Арбен Таравари, кандидат на коалицијата на албанската опозиција „Вреди“ и Билјана Ванковска, кандидат на Левица, потврди Државната изборна комисија (ДИК).
Рокот за собирање на потписи истекува на 8 март на полноќ.
Првиот круг од претседателските избори ќе се одржи на 24 април, а вториот на 8 мај, за кога се закажани и паралементарните избори.
Г. Т.