Претседателката Гордана Силјановска Давкова сè уште е под инерција на предизборната кампања, па „цврсто“ стои и продолжува како на своите предизборни настапи без да го употреби името Северна Македонија а ќе го почитува уставот. Ова е многу лошо за билатералните односи, кои што за среќа беа поправени. Неодговорноста на нашите политичари оди до таму – што едноставно немaат вистинска проценка на тие билатерални односи, особено со нашиот најмоќен сосед Грција. На овој начин ја втеруваме Грција да се солидаризира со Бугарија во однос на нашите барања за европската преговарачка рамка, и може да ја користи и употреби својата блокада кога сака, велат во анализата за „Фронтлајн“, дипломати, политички аналитичари и новинари зборувајќи за собраниската церемонија на новата претседателката Гордана Силановска-Давкова, која за време на заклетвата не го употреби уставното име на државата.
Политичката неодговорност и билатералните односи
– Кога политичарите не размислувaат со разум, туку со срце, многу работи, а особено во надворешен план може да ги афектираат. Државата беше опоменета уште за време на изборната кампањата од страна на СИРИЗА дека ќе предложи одредени санкции во самиот Парламент. Ова е многу лошо за билатералните односи, кои што за среќа беа поправени. Неодговорноста на нашите политичари оди дотаму – што едноставно немаат вистинска проценка на тие билатерални односи, особено со нашиот најмоќен сосед Грција. На овој начин ја втеруваме Грција да се солидаризира со Бугарија во однос на нашите барања за европската преговарачка рамка, и може да ја користи и употреби својата блокада кога сака. Жалам што во државата имаме неодговорни политичари, што во еуфорија ги забораваат основните вредности. Во Европа луѓето се борат за вредности и ги потврдуваат тие вредности. Кај нас изгледа дека ги забораваме тие работи и го истакнуваме сопственото его и емоции, а не рационалноста, изјави за „Фронтлајн“, Нано Ружин – универзитетски професор и поранешен амбасадор во НАТО.
Ерол Ризаов – новинар и публицист со долгогодишно искуство во журнализмот вели дека претседателката Силјановска-Давкова уште е под инерција на предизборната кампања, па „цврсто“ стои и продолжува како на своите настапи без да го употреби името Северна Македонија, а ќе го почитува уставот.
– Не знам колку ќе трае таа идила со премиерот и владата но мислам според глорификацијата на Мицкоски до месијанство и избавител на Македонија од страна на Силјановска дека претседателката многу бргу ќе се соочи со опомените кои ќе стасаат од Владата и премиерот да се држи до своите уставни овластувања. Се разбира доколку има вистина во промената на ставот во врска со евроатланските интеграции на Македонија кој наеднаш по изборите станаа главен приоритет на идниот премиер и ВМРО ДПМНЕ. Зборуваат за некаква козметика од подобри решенија ама тоа е само подготовка да се донесат уставните измени и да продолжат преговорите со ЕУ. Мора да има малку шминка оти ќе биде многу разочарувачки за граѓаните да се донесат истите одлуки поради кои беше блокирано продолжувањето на преговорите со ЕУ. Мислам дека тоа ќе се случи. Ќе се донесат уставните измени и Бугарите ќе влезат во Уставот без некои промени на тоа што веќе е прифатено, изјави Ризаов за „Фронтлајн“.
Тоа, додава, нашиот соговорник, е најоптимистичката и најдобрата варијанта кога уште може вината да се префрла на претходната влада. Лошата и многу опасна и крајно штетна варијанта би била – и натаму да продолжат со лажниот патриотизам и да се јуначат со поставување услови кои минуваат кај нас како некое херојство кое во суштина значи кукавичлук и вистинско предавство на националните и државните интереси.
– Актуелизацијата и доведување во прашање на Преспанскиот договор кој е ратификуван во Собранието на Македонија е лудост. Иако има сериозни предзнаци на такви симптоми сепак мислам дека брзо ќе стаса спасоносна висока доза на терапија која нема да го доведе во прашање членството во НАТО, па и во ЕУ. Проблемот на Мицкоски ќе биде како тоа да го прикаже како голем успех. Е па веќе навести дека вестите мора да почнуваат со успеси. Ајде да го видиме и тоа чудо како блокадите на членството во ЕУ стануваат успеси, подвлече Ризаов.
Марков: Време е самото општество на РСМ да одлучи каде сака да оди
Бугарскиот новинар Александар Марков смета дека изборните резултати во Република Северна Македонија потврдија дека доминантни општествено ангажирани сили во моментов се оние кои сметаат дека договорите со Бугарија и Грција се штетни за Скопје.
– Пред неколку месеци на форум во Скопје реков дека ако на едно општество му се даде избор меѓу европска интеграција и идентитет, секое општество ќе избере идентитет. Се разбира, таквиот избор воопшто не стои пред државата, но ВМРО-ДПМНЕ и Левица успеаја да ги доведат во заблуда своите гласачи дека тоа е изборот. Ќе биде интересно да се види како господинот Мицкоски ќе го исполни стратешкиот геополитички курс на државата без да ги промени своите ветувања. Новиот претседател на државата, госпоѓата Силјановска Давкова, со години инсистира и не пропушта насекаде да потенцира колку е важно владеењето на правото. Во меѓународните односи, исполнувањето на договорите е прв и најважен услов и предуслов, вели Марков за „Фронтлајн“.
Доколку Скопје, истакна бугарскиот новинар, одбие да ги имплементира Договорот од Преспа и Договорот за добрососедство со Бугарија (како и протоколите кон него), тоа не би значело суспензија, туку целосен пресврт на курсот на земјата кон ЕУ.
– Прашањето не е за отстапки од страна на Софија и Атина – не затоа што таквите отстапки веќе се доволно направени, туку затоа што двата документи, како и протоколите на Договорот со Бугарија, се договорни рамки поддржани од сите земји-членки на ЕУ. А Брисел одамна потенцираше дека нема да има нова преговарачка рамка. Тешко би било да се предвиди дали уставните измени ќе бидат прифатени од Собранието. Време е самото општество на РСМ да одлучи каде сака да оди. Во Бугарија не гледам општествено-политички сили кои лесно би ги отфрлиле документите на кои работеле неколку влади и десетици експерти за да се задоволи новото парламентарно мнозинство во Скопје. А Брисел категорично стави до знаење дека во позадината на геополитичките предизвици во непосредното соседство на Унијата, никој нема да има време, а камоли напор, целосно да преговара за рамката на Скопје, подвлече бугарскиот новинар.
Новинарот Дритон Зенку за „Фронтлајн“ вели дека врз основа на кампањата на Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ, ова што се случи беше очекувано.
– Силјановска рече дека нема да го говори новото име на државата, тоа и се случи. Јасно е дека Северна Македонија влезе во нова политичка фаза и ќе се променат внатрешните и надворешните односи. Немојте да се чудите ако утре Албанија и други меѓународни земји и организации го сменат својот курс кон Северна Македонија. Формирањето на владата и нејзините политики ќе биде уште еден момент кој ќе даде сигнали каде оди државата, нагласи Зенку.
Анти-бугарска (францускиот предлог) реторика и Уставните обврски
Министерството за надворешни работи на Северна Македонија ја потврдува цврстата определба на земјата кон недвојбено почитување на Уставните одредби како и сите меѓународно преземени обврски како што е целосното почитување на Договорот за стратешко партнерство меѓу Република Северна Македонија и Република Грција, познат како Договорот од Преспа.
„Изминативе седум години, двете соседни земји развија исклучително високо ниво на политички дијалог, кое резултираше и со неколкукратно зголемување на економската соработка и изградбата на позитивни врски меѓу луѓето. Овие придобивки резултираа со членството на земјата во НАТО, Отворање на преговорите со Европската Унија, како и со надградба на Стратешкото партнерство во Стратешки дијалог со САД. Повикуваме на внимателност од страна на сите политички чинители, особено на избраните државни функционери. Задржувањето на евроатлантскиот курс на земјава претставува основен стратешки интерес и гарант за долгорочната безбедност и стабилност на земјата“.
Пратеникот од ДУИ, Арбр Адеми изрази жалење по заклетвата на новата претседателка Гордана Силјановска Давкова. Според него, таа го згазила Уставот уште при првата реченица со неспомнување на „Република“ и „Северна Македонија“.
– Рече дека е време за единство, а ги спомна само двајца лидери од македонскиот блок исклучувајќи ги сите други од единството. Беше говор за 8-ми март без ништо суштинско, ниту се спомна НАТО, ниту членството на Македонија во НАТО и обврските и сите предизвици што ни престојат, изјави Адеми.
Според него, таа не го споменала ни евроинтегративниот процес на државата.
Генералниот секретар на Алијанса за Албанците, Кренар Лога преку соопштение реагираше и кажа дека непочитувањето на уставното име на државата ја прави ништовна заклетвата на Силјановска.
– Или повторување на постапката или функцијата претседател на државата треба да ја преземе Јован Митрески, напиша Кренар Лога.
Поранешниот премиер и лидер на ВМРО ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски во интервју за БТВ изјавил дека ВМРО-ДПМНЕ доста долго можеби три години својата политика ја темелат на таа анти-бугарска реторика, односно анти-францускиот предлог и вклучувањето на Бугарите во Уставот.
– Местото за оптимизам е многу скратено, затоа што ВМРО-ДПМНЕ доста долго можеби три години својата политика ја темелат на таа анти-бугарска реторика, односно анти-францускиот предлог и вклучувањето на Бугарите во Уставот. Тоа воопшто не е никаков проблем за Македонија, со оглед на тоа низ што помина и какви отстапки направи Македонија. Со Грците промената на името, со Албанците промената на внатрешното уредување и многу многу други отстапки. Бугарското вето и таа една реторика која дојде од некои бугарски по екстремни политичари и постапки, го отклучија уште еднаш србоманството во Македонија. И се плашам дека во овој момент, на таа една структура и „длабока“ држава тоа им е добредојдено за да се свртат кон српскиот свет, изјавил Георгиевски.
ЕУ потсетува на важноста од целосно почитување на Договорот од Преспа
Европската унија изразува жалење поради фактот што новата претседателка на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, не го употреби уставното име на државата на денешната церемонија на давање заклетва, соопшти Службата за надворешни работи на ЕУ (ЕЕАС).
– ЕУ потсетува на важноста од целосно почитување на постоечките, правно обврзувачки договори, вклучувајќи го и Договорот од Преспа со Грција, се наведува во соопштението од ЕЕАС.
Претходно, и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен преку социјалната мрежа Х порача дека Северна Македонија треба да продолжи со приспатувањето во ЕУ преку спроведување на реформите и почитување на склучените договори, меѓу кои и Преспанскиот.
For North Macedonia to continue its successful path on EU accession it is paramount that the country continues on the path of reforms and full respect for its binding agreements, including the Prespa Agreement.
— Ursula von der Leyen (@vonderleyen) May 12, 2024
– За Северна Македонија да го продолжи својот успешен пат кон пристапувањето во ЕУ, најважно е земјата да продолжи по патот на реформите и целосно почитување на нејзините обврзувачки договори, вклучително и Договорот од Преспа, напиша Урсула фон дер Лајен.
Претседателот на Советот на Европа, Шарл Мишел, на социјалните мрежи напиша дека потегот на претседателката Силјановска Давкова е погрешен и повика на почитување на договорите.
Congratulations to the new President of North Macedonia, Gordana Siljanovska-Davkova.
I look forward to working with you on advancing 🇲🇰 path towards the EU, through implementation of reforms and commitments.
The future of North Macedonia & the Western Balkans is in 🇪🇺.…
— Charles Michel (@CharlesMichel) May 12, 2024
„Многу е разочарувачки што новиот претседател на Северна Македонија, не го употреби уставното име на државата при денешната свечена заклетва. ЕУ потсетува на важноста од континуирано спроведување на правно обврзувачките договори, вклучувајќи го и договорот од Преспа со Грција“, истакна Мишел.
Дестан Јонузи