Пишува: АЦО ЛУКАРОСКИ
Прашањето за денеска гласи:
КОЈ Е НАЈУБАВ ГРАД ЗА ЖИВЕЕЊЕ ВО СВЕТОТ?
Одговорот за денеска гласи:
Hands down, НАЈУБАВ ГРАД Е САНТА МАРТА!!!
За оние што не знаат, накусо неколку информации за Санта Марта и за Колумбија, коишто претпоставувам дека не ви се познати.
Почнуваме од бр. 1.
Најважното за овој град:
1. Претходниве 10-тина дена бев во Санта Марта и купив стан (прва фотографија). Тоа е местото каде што со Весна Лукароска планираме да го поминеме преостанатиот дел од животот.
2. Санта Марта е опкружена со планини и океан и важи за најубаво пристаниште и најубаво туристичко место во Колумбија.
3. Санта Марта е на прво место на листата на најбезбедни градови во цела држава и затоа е атрактивна за живеење и туризам.
4. Според листите на Consumer Price Index (CPI) и National Administrative Department of Statistics (DANE), Санта Марта е најевтин град за живеење… Во овој град може да се живее многу убаво и со малку пари… Ручек за двајца во ‘средна-класа’ ресторан чини околу 7-8 евра… Во продавница со едно евро можат да се купат 3 кг. банани, или 3 пива, или 5 чоколади од по 100 г., или 2 кг. убави и крупни мандарини итн.
5. Од сите колумбиски градови, Санта Марта во последниве три години има најголем број домашни туристи.
6. На листата на најубави 25 плажи во Колумбија, дури 17 плажи се во Санта Марта или во околината на Санта Марта.
7. Во околината на Санта Марта живеат многу убави, мирољубиви и дружељубиви мајмунчиња (White-fronted Capuchin), како и најубави папагали и други шарени птици. Според број на птици на 1 км², Колумбија е на прво место во светот. Во Колумбија има повеќе птици отколку цела Европа и цела Сев. Америка заедно.
8. Санта Марта го има Centro Historico (претпоследна фотографија)… Тоа е стариот град, со стил како нашата Стара Чаршија, но е многу поголем во површина, многу поубав и секоја вечер по улиците низ Centro Historico ‘корзираат’ десетици илјади туристи.
9. Во Санта Марта видов нешто што не верувам дека го има во друг град во светот. Секоја вечер/ноќ, речиси 2 км. долгата „Родадеро плажа“ е преполна со туристи и во океанот има илјадници пливачи. Пливање ‘24/7’.
10. Во Санта Марта е секогаш топло. Врнежи има многу ретко, а меѓу најстудениот и најтоплиот месец во годината просечната температурна разлика е само 2 степена. Гледав видео со организирана градска прослава за дочек на нова година и голем процент од присутните девојки беа облечени само во костуми за капење. Да се живее во Санта Марта е како да си 365/366 дена на одмор (ва’кејшн).
Пред да ви ја кажам најважната работа за Санта Марта, неколку работи и за Колумбија:
1. Колумбија за период од 10 години го зголемила Националниот доход по жител за речиси 4 пати.
2. На листата на држави со најдобро здравство, според СЗО, Колумбија е на високото 22 место во светот. Подоброрангирана дури и од држави како САД, Канада и Австралија.
3. Просечната животна старост во Колумбија е над 78 години, што е за околу 5 години повисока од просечната животна старост во Македонија.
4. Колумбија вложува многу напор за привлекување на странски капитал. Условите за нов бизнис се меѓу најдобрите во светот, а при купување на недвижен имот, купувач од странство има дополнителни трошоци (даноци, адвокатски и нотарски трошоци итн.) од вкупно само 1.65% од вредноста на имотот.
5. За туристи од Македонија не е потребна виза за влез во Колумбија.
6. Колумбија е единствената држава од Јужна Америка што излегува и на Атлански и на Тихи Океан. Урагани во овој дел од светот нема.
7. Во Колумбија се наоѓа Сиера Невада де Санта Марта, највисок крајбрежен планински венец во светот. И самото име ви кажува, овој планински венец се простира околу градот Санта Марта. Угоре снег, а удолу температура од 40°C и температура на водата 30°C.
8. Колумбија одамна не е држава каква што ја знаете од филмовите за Пабло Ескобар и за другите нарко-дилери. Колку за споредба, во поголемите колумбиски градови сите стапки за криминал се помали во однос на стапките за криминал во поголемите градови во САД.
9. Во последните години Колумбија е неколку пати прогласувана за најсреќна нација во светот. На последната објавена листа се наоѓа на второ место, веднаш после Фиџи.
10. И најважното за Колумбија… Во оваа држава се најубавите девојки во светот… Блиску до нив се само девојките од Венецуела, а потоа, сите други заостануваат многу зад овие две држави… Проверено!:)
И за крај, најважното и за Санта Марта:
Стан или куќа во овој град може да се купи и за 10-тина илјади евра. А за 30-40 илјади евра може да се најде многу убав стан, во убава ареа. Нема да кријам, цената на станот што го купив е само 32 илјади евра. Се работи за трособен стан на приземје, со убава голема тераса заградена со жива ограда. Станот има и градска дозвола за ‘рентање’. Зградата е релативно нова, изградена пред две години и се наоѓа во престижната туристичка населба Bello Horizonte. Населба со многу зеленило. До една од најубавите плажи (Playa Bello Horizonte) има само 1 км.
Санта Марта е како бисер скриен во школка. Бисер којшто го откривме со Весна, благодарејќи на младата Колумбијка Енџи. Енџи е една многу фина девојка којашто ја запознавме на бродот при нашето последно крстарење. За Енџи, за нејзиниот вереник и за родителите на нејзиниот вереник (Tulia and Marco) ќе ви пишувам во друга прилика. Прекрасно семејство!
Текстот е личен став на Авторот