Од МВР истакнуваат дека е „расчистен случајот „Долно Блаце“, и дека е поведена дисциплинска постапка за шест полициски службеници кај кои е утврдена одговорност“, од СДСМ велат дека Тошковски „удри“ по полицајците на Блаце за да го спаси Рамука.
„Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР го расчисти случајот од 17.08.2024 на граничниот премин „Долно Блаце“ при обезбедување на делегација на претседателот на Собранието, Африм Гаши, и по извршен увид во службените материјали, анализа на видео надзорот и извршени разговори со полициски службеници, поради сторена повреда на работниот ред и дисциплина утврдено во член 187 став 1 алинеја 10 од Законот за внатрешни работи, и член 210 став 1 алинеја 10 од Колективниот договор на МВР, од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди ќе бидат изготвени предлози за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност против полициските службеници Н.Р., М.С., А.Б., Б.А, Н.Б. и Б.С.“, се наведува во соопштението од МВР.
Од СДСМ бараат одговорност – Рамука доби партиско-политичка заштита од Тошковски и Мицкоски истакнуваат во соопштени за медиумите.
– Бројни скандали се случија на границата со Косово каде по налог на началникот Наим Рамука слободно, без контрола и без евиденција се поминува, како што беше случај и со сватовите на Гаши. Откако Тошковски не успеа да ги заташка скандалите, наместо да побара одговорност од Рамука којшто ги давал наредбите, целата вина им ја накалемува на полицајците кои работат на граничниот премин, иако немаат никаква одговорност, соопштуваат од СДСМ.
Оттаму истакнуваат дека „со добро познатите методи на ВМРО-МВРО се казнуваат невини и чесни луѓе, кои си ја работат својата работа професионално а се штити вистинскиот одговорен за скандалот. Кога се политичките дилови на коалициските партнери нема одговорност од функционерите“.
„Тошковски и Мицкоски обезбедија партиско-политичка заштита за нивниот омилен началник Рамука. Нема одговорност за фунцкионерите од власта. Вака ли ВМРО-ДПМНЕ ја замислува одговорноста за која беседи Мицкоски? Да се местат луѓе да одговараат иако ништо не згрешиле, само за ДПМНЕ да си ги покрие скандалите? Ова е неправда од надолен вид. Брука и срамота. Обвинителството не смее да молчи, мора да постапи по овој случај, невините да се спасат а да одговараат вистинските виновници“, се нагласува во соопштението од СДСМ.
Во продолжение целото соопштение од МВР
„ОВККИПС констатира дека, откако делегацијата, во која како носител се јавува претседателот на Собранието, ја поминува државната граница на граничниот премин Долно Блаце на лентата за Излез бр. 1, по неа поминуваат шест цивилни возила, кои во меѓу просторот на граничните премини се приклучуваат на делегацијата, без да се изврши контрола на патниците и возилата, а во одреден временски интервал сите ленти за излез од државата се затворени, при што во тој период од страна на Н.Б. (полициски службеник од обезбедувањето на претседателот на Собранието) и Б.А. (полициски службеник од ПС за ГП Долно Блаце), се извлекува возило кое е заглавено во лентата за Излез бр.3 и истото се насочува кон Излез бр.1 и возилото ја поминува граничната линија без да се изврши контрола на патниците и возилото.
Утврдено е дека Н.Б. наместо да врши непосредно физичко обезбедување на претседателот на Собранието, врши дејствија на граничниот премин кај кабините за излез и царинските кабини, со кои овозможува цивилни возила да се приклучат кон делегацијата, како и да се даде приоритет цивилно возило да ја помине државната граница. Со наведените дејствија Н.Б. сторил потешко кршење на работниот ред и дисциплина предвидена во член 187 став 1 алинеја 3 и 4 од Законот за внатрешни работи и член 210 став 1 алинеја 3 и 4 од Колективниот договор на МВР. Исто така и Б.А. сторил потешко кршење на работниот ред и дисциплина предвидена во член 187 став 1 алинеја 3 и 4 од Законот за внатрешни работи и член 210 став 1 алинеја 3 и 4 од Колективниот договор на МВР.
Во однос на утврдување на неправилности во конкретниот настан, наместо да бидат преземени соодветни мерки од страна на главен инспектор М.С. во содејство со началникот на РЦ за ГР Север Н.Р., согласно дотогашните констатирани пропусти, не се преземени соодветни мерки туку е испратен акт со кој се задолжува командирот на ПС за ГП Долно Блаце да го доиспита целосно случајот и да преземе соодветни мерки. Со наведените дејствија М.С. сторила потешко кршење на работниот ред и дисциплина предвидена во член 187 став 1 алинеја 3 од Законот за внатрешни работи и член 210 став 1 алинеја 3 од Колективниот договор на МВР. Исто така, Н.Р., началник на РЦ за ГР Север сторил потешко кршење на работниот ред и дисциплина предвидена во член 187 став 1 алинеја 3 од Законот за внатрешни работи и член 210 став 1 алинеја 3 од Колективниот договор на МВР. Согласно описот и пописот на работните места, началникот на РЦ за ГР покрај другото, раководи, планира, ја организира и контролира работата на Регионалниот центар.
Патните исправи на претседателот на Собранието и членовите на неговото семејство, како и другите припадници на МВР кои требало да патуваат во странство, биле навремено доставени до раководителот на смена А.Б. заради соодветно евидентирање, но тоа не е сторено, односно лицата не се евидентирани. Согласно описот и пописот на работни места, меѓу другото, раководителот на смена во Регионален центар за гранични работи, ја организира работата на службите по време и место, ги одредува приоритетите во работењето, се грижи за вршењето на квалитетна пасошка и друг вид контрола, врши контрола во работењето на полициските службеници и дежурната служба во полициската станица и непосредно е одговорен за нивната работа, координира и учествува во извршувањето на мерките и задачите кои се однесуваат на оперативното работење. Во конкретниот случај А.Б. постапил спротивно на чл. 8 (на граничниот премин, сите сервисни информации и секоја друга особено важна информација се регистрираат рачно или електронски во дневникот за настани) с.2 (Информацијата од став 1 на овој член ги содржи следните податоци) т.2 (секое пропуштање во режимот на гранични проверки) од Правилникот за начинот на извршување на граничните проверки и граничен надзор со што сторил потешка повреда на работниот ред и дисциплина утврдена со член 187 став 1 алинеја 3 и 10 од Законот за внатрешни работи и член 210 став 1 алинеја 3 и 10 од Колективниот договор на МВР.
За Б.С. е утврдено дека тој, како одговорен за обезбедување во планот за зајакнати мерки и активности од втор степен по повод делегација предводена од претседателот на Собранието, согласно планот, кој тој го изготвил и од истиот има обврска да презема мерки, не е на работа и не бил предвиден да биде на работа за време на поминувањето на делегацијата, при што од самото тоа произлегува дека планот е изготвен површно и несовесно. Со наведените дејствија сторил потешко кршење на работниот ред и дисциплина предвидена во член 187 став 1 алинеја 3 од Законот за внатрешни работи и член 210 став 1 алинеја 3 од Колективниот договор на МВР“, се наведува во соопштението од МВР.
Вчера портпаролката на СДСМ објави, како што рече, нов скандал поврзан со работењето на Панче Тошковски и МВР.
– Ова што денес ќе го слушне јавноста, е школски пример за партиско-полициска држава и злоупотреба на функцијата за политичка заштита на партиски назначен началник. Во овој случај, граѓаните ќе чујат како Тошковски врши притисок и казнува невини и чесни луѓе, вработени во МВР, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Таа истакна дека „откако јавноста разбра за целиот скандал поврзан со сватовите на Гаши и нивното пропуштање низ граница без контрола, денес го обзнануваме пеколот кој им следувал на вработени на границата Блаце“.
Панче Тошковски и неговиот омилен началник Наим Рамука, сакаат да им се накалеми наводна одговорност на вработените на Блаце за тие двајцата да останат чисти, вели Кузеска.
„Според информациите кои СДСМ ги доби од свиркачи, откако Тошковски не успеа да го скрие скандалот од јавноста и сфати дека мора да се бара одговорност од некого, тој и Наим Рамука дошле до идеа да ги набедат луѓето кои си работеле на смена на границата Блаце. Бидејќи СДСМ ја обзнани целата шема и директната наредба која ја дал Наим Рамука, јасно е дека овие луѓе немаат никаква одговорност.
Според нашите информации, Командирот на граничниот премин Блаце, добил директно барање од Наим Рамука дека треба на шест вработени да им бидат изречени писмени опомени. Со ова, планот бил тие да поминеле без парични казни и да си ја преземеле одговорноста. Рамука го информирал Командирот дека ова мора да се заврши затоа што целата работа наводно била договорена меѓу Изет Меџити и Панче Тошковски, на високо политичко ниво. Вака Тошковски и Рамука сакале да се забошоти целата работа.
Но, Командирот на граничниот премин Блаце, чие име нема да го откриеме, одбил да изрече таква казна сметајќи дека тоа е нечесно кон вработените. Тој јасно кажал дека нема одговорност кај вработените и побарал случајот да го реши Внатрешната контрола на МВР.
Според нашите информации, во моментов случајот е во Внатрешна контрола која мака мачи како да го оправда целиот случај и очигледно се обидуваат да направат манипулација и да обвинат некој друг. Ова е МВР под водство на Тошковски почитувани граѓани. Ова е добро познатото ВМРО-МВРО и методите од времето на Гордана Јанкуловска.
СДСМ бара, итно, јавно и транспрентно да се објават наодите на внатрешна контрола. СДСМ бара итно да се лоцира одговорноста кај оној кој дал командата!
Точно знаеме кој, како и за што треба да одговара и ова веќе го објавивме во јавноста. Доколку Тошковски се обиде било кој вработен во МВР да го искористи како жртвено јагне, остро ќе реагираме. Понатаму, бараме уште еднаш обивнителството да се изјани по случајот. Зошто ОЈО молчи? Бараме итно да бидат конечно разрешени Рамука и Тошковски, овие скандали веќе немаат крај. За крај прашуваме, има ли грам човечност во Тошковски? За одговорност знаеме дека нема. Има ли малку доблест да го разреши Наим Рамука и тој да се повлече наместо да мести невини луѓе да одговараат?Дали вака ВМРО-ДПМНЕ ја замислува одговорноста за која беседи Мицкоски? Ова ли е таа департизација која треба да се направи од неговата смешна платформа? Срамно и жално, но пред се опасно е ова што се прави. Ако вака се местат уште сега луѓе да одговараат за да си ги покријат скандалите, тогаш каде ни е крајот“, истакна Кузеска.
Ј. Ѓ.