Социјалдемократскиот сојуз на Македонија повикува на итно одржување на лидерска средба со сите парламентарни партии заради настаните од изминатите денови кога се случија сериозни инциденти, со палење на државното знаме, пукање со оружје и поткопување на меѓуетничките односи.
Според опозицијата, овие настани, сериозно ги вознемирија граѓаните, удрија по темелите на соживотот, безбедноста и сигурноста.
Ана Чупеска потпретседателка на СДСМ, во изјава за „Фронтлајн“ вели дека она што го очекува СДСМ, е Владата да покаже максимум одговорност во врска со случувањата во земјата.
– Последните настани воопшто не се наивни, и оттука сметаме дека една лидерска средба е неопходна со цел, да упати порака за смиреност и за важноста на мирот и стабилноста, нагласи Чупеска.
Убедени сме, додава таа, дека ова не се моменти за дневнополитички поентирања, туку за државничко и максимално одговорно однесување.
– Истото се однесува и на барањето за национален консензус за ЕУ интеграциите на државата. Неколку пати повторуваме дека ќе дадеме поддршка на секое решение кое е реално оддржливо. За жал од Власта сè уште нема такво нешто, напротив, тие лавираат меѓу флоскулите за „одложено дејство“ и „дополнителни гаранции“, а обете се чинат како да се со „фантомски“ статус. Ниту ги објасниле, ниту некој ги видел. Затоа Филипче, во конструктивен тон, впрочем и предложи затворена Седница, во случај да тие нивни предлози се засегнати од извесна дискретност и доверливост. Ние, значи, и по двете точки, не бараме нешто за нас лично, туку бараме, одговорно водење на државата! Наместо да сведочиме за засилен од во неизвесност, изјави за „Фронтлајн“, Ана Чупеска – потпретседателка на СДСМ.
Дестан Јонузи