„Во однос на барањето на СДСМ, се согласуваме дека треба да има лидерска средба, но прво СДСМ мора искрено да докаже дека е посветена на политички консензус со повлекување на предлогот за законот за бранители“.
Ова го изјави за „Фронтлајн“ Халил Снопче, координатор на пратеничката група на ВЛЕН, зборувајќи за барањето на опозициската СДСМ за лидерска средба на која би се разговарало за последните случувања во земјава и интегративниот процес на земјава.
– Една од главните теми што ги влошува меѓунационалните односи и ги подигнува меѓуетничките тензии е токму овој предлог. СДСМ треба да постапи согласно јавната изјава на потпретседателот Фатмир Битиќи дека не се против статусот на поранешните војници на ОВК да се реши во пакетот. Значи, на лидерска средба треба и консензус на оваа тема, но прво мора да го повлечат законот предложен од самите себе. Тогаш средбата меѓу лидерите треба да обезбеди и консензус за законот за правична и еднаква застапеност и за законот за албанскиот јазик, изјави Снопче за „Фронтлајн“.
Овие теми, додаде тој, ги отвори уставниот суд.
– Тие судии ги избра актуелната опозиција и затоа е потребен јасен став од СДСМ за овие две теми пред предметната средба. Опозицијата мора јасно да докаже дека не врши влијание врз уставните судии, односно врз оние што ги избрала. Доколку уставниот суд продолжи да носи мнозинска одлука за законот за јазиците како во случајот со балансерот, односно, судиите на Албанците да бидат надгласани од судиите Македонци, тогаш треба да има и можност за воспоставување на бадинтеровиот механизам, да се разгледаат на средбата меѓу лидерите дури и во уставниот суд за да се избегнат дискутабилни одлуки кои само фрлаат бензин на оган и имаат тенденција да предизвикаат дестабилизација, подвлече Снопче.
Дестан Јонузи