На сите гласачки центри низ Косово денеска до 19 часот, граѓаните/ките со право на глас ќе можат да се упатат кон гласачките кутии за да ги изберат членовите на парламентот и новата влада што ќе го води Косово во следните 4 години. 28 политички субјекти со 1.280 кандидати за пратеници се натпреваруват на овие избори.
Според ЦИК, на избирачкиот список има 1 милион и 970 илјади и 944 гласачи. Во Косово ќе бидат отворени 903 гласачки центри, додека во секоја општина ќе има по еден центар во кој ќе може да се гласа условно. Во меѓувреме, бројот на пријавени за гласање надвор од Косово е над 104 илјади.
Актуелниот премиер Албин Курти, кој повторно е кандидат на Движењето Самоопределување за оваа функција, гласаше на парламентарните избори на Економскиот факултет во Приштина.
Тој ги охрабри сите граѓани да гласаат на првите редовни парламентарни избори во Косово.
„Искористете го вашето демократско право да се слушне вашиот глас. Искористете ја шансата на слободата да одлучувате во следните четири години“, рече Курти.
И кандидатот за премиер на Демократската лига на Косово, Лумир Абдиџику, гласаше за парламентарните избори во училиштето „Фаик Коница“ во Приштина.
Абдиџику ги покани сите граѓани со право на глас да одлучат за „својата судбина и на Република Косово“ во следните четири години.
Кандидатот за премиер на Демократската партија на Косово (ПДК), Бедри Хамза, гласаше во родното место Митровица. И тој ги повика и сите граѓани на Косово да излезат и да гласаат.
„На крајот суверенот одлучува, граѓаните гласаат. За мене е прифатлив секој резултат за кој ќе гласаат граѓаните на Косово, оптимист сум. Тоа беше долга кампања, но среќен сум што ја задржавме позитивноста во текот на целиот период“, изјави Хамза.
Кандидатот за премиер од коалицијата ААК-НИСМА Рамуш Харадинај гласаше во училиштето „Али Соколи“ во Приштина. По гласањето Харадинај, кој е и кандидат за премиер оцени дека процесот добро почнал. Тој ги повика граѓаните да излезат и да гласаат.
„Процесот започна добро, со исклучок на условните гласања со одредени задоцнувања. Хана и Ѓини гласаат за прв пат. Мајка Руке гласаше во Глоѓан. Излезете и гласајте. На Косово му треба вашиот глас. Ви посакуваме среќа“, рече Харадинај.
Харадинај беше придружуван од сопругата Анита, додека за прв пат во еден изборен процес учествуваа и неговите деца Ѓини и Хана, кои го остварија своето уставно право на глас.
Дестан Јонузи