СДСМ ја повика власта да води неселективна истрага за трагедијата во Кочани и да одговори на сите легитимни прашања поврзани со истрагата.
Организациониот секретар на СДСМ, Мартин Костовски, на денешната прес-конфренција нагласи дека доколку истрагата во продолжение не ги опфати и актуелните лица на чело на надлежни институции, СДСМ со својот правен тим ќе поднесе соодветни кривични пријави.
Како што кажа Костовски, во првата фаза истрагата во која се опфатени 32 лица, не се ниту еден командир, инспектор и никој од раководството на БЈБ и МВР во ОВР Кочани и СВР Штип, кои знаеле и биле на функција кобната ноќ во Кочани.
Повикувајќи се на Законот за јавни собири тој укажува дека одговорноста за трагедијата ја има полицијата, а постапувањето по закон ќе спасело млади животи.
„Според информациите на овој настан имало 650 луѓе. Согласно законот, полицијата била должна да има оперативни сознанија за настанот и соодветно да го обезбеди овој настан дури и во случај ако тој не е пријавен од организаторот. МВР во Кочани тоа не го направиле. Ако МВР постапеле согласно законот, ќе имало обезбедено на Противпожарна бригада, Брза помош, соодветен број полициски службеници и сите пропратни безбедносни мерки за ваков тип настани, со што несреќата можела дури и да се превенира“, рече Костовски.
Оттука Костовски упатува последен повик до институциите да го следат законот и постапат по должноста. Тој вели дека селективната правда не е правда туку е токму она кое граѓаните сакаат да со спречат. Затоа тој вели дека СДСМ ќе продолжи да ги објавува сите детали и да ги поставува сите правно издржани прашања, кои укажуваат на сериозни пропусти и кривични одговорности за лица за кои во моментов треба да бидат, а не се дел од истражната постапка.