Албанија би можела да биде во европското семејство дури и пред 2030 година, изјави претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, на заедничката прес-конференција во Тирана, со премиерот Еди Рама.
-Не барам некој волшебен датум. Ќе ги гледаме достигнувањата на Албанија ден по ден. Зошто не порано? Зошто не пред 2030 година. Ако продолжи со овие резултати, можно е да се биде член пред 2030 година. Сè зависи од вас. Резултатот од неделните избори уште еднаш ја потврди желбата на албанските граѓани за интеграција во ЕУ, додаде Кошта.
Посочи дека во наредните месеци е сигурен дека Албанија ќе заврши одлична работа и кога ќе дојде следната година, ова прашање повеќе нема да постои-Албанија наскоро ќе стане земја-членка.
-За Европската унија, проширувањето со земјите од Западен Балкан е најголемата геополитичка инвестиција што ја правиме во моментов и ова е вистинскиот момент и веќе го имаме во наши раце да го постигнеме овој процес што е можно побрзо. Западниот Балкан ни покажа и претходно дека сака да биде дел од ЕУ. Мојата желба е сите шест земји да продолжат со завршување на преговорите, не станува збор само за завршување на работите, туку и за тоа како тоа ќе функционира. Знам дека не е лесно, но ова е правилниот начин да се продолжи напред. Албанија е олицетворение на процесот на проширување на ЕУ, бидејќи е на вистинскиот пат кон членство во ЕУ, нагласи тој, објавија медиумите.
Премиерот Еди Рама изјави дека Албанија ќе продолжи со реформите за да ги заврши преговорите со ЕУ во 2027 година,
порачувајќи дека стои зад она што го кажал за време на изборната кампања, дека ова ќе биде мандатот на интеграција.
Тој и со порака до колегите од регионот дека „не треба да ја пропуштат оваа можност“ и оти е убеден дека „ЕУ е подготвена да прифати нови членки“.
-Не само Албанија, туку целиот Западен Балкан мора напорно да се бори за да стане дел од ЕУ. Ја користам оваа можност да ги поканам сите колеги во регионот да не го пропуштат овој момент што историјата го донесе пред нашата врата-подготвеноста на ЕУ да профати нови членки, рече Рама.
Во коорганизација на Кошта и Рама утре ќе се одржи шестиот Самит на Европската политичка заедница, кој за првпат се одржва во Тирана. Вечерва, Рама организира работна вечера за лидерите на Европскиот совет и на Европската Унија и лидерите од регионот на Западен Балкан.