Интервјуто на Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ – Центар за слобода, за угледната украинска новинска агенција Укринформ, направено од уредничката Ана Костјученко (Анна Костюченко), предизвика големо внимание и беше широко пренесено од медиумите на албански јазик во Македонија.
Познати портали како PressOnline.al, TetovaSot, Flaka, TV News, OpenTV, Gazeta MK и други му посветија посебно внимание на ова интервју, истакнувајќи ги јасните пораки на Дерала за заштита на демократијата и неговиот недвосмислен став против руската агресија врз Украина.
„Демократијата нема да преживее ако Украина не се ослободи целосно и ако не запре руската агресија“, изјави Дерала во интервјуто.
Како еден од најгласните поддржувачи на украинскиот народ на Балканот, Дерала нагласи дека од првиот ден на руската инвазија е активно ангажиран во разобличување на руската пропаганда и информирање на јавноста за вистината. Во 2023 година, тој беше одликуван со Орден за заслуги од украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Во интервјуто тој зборува и за своите посети на Кијив, средбите со украински граѓани и функционери, и за инспирацијата што ја добил од нивната борба за слобода и достоинство. „Во секој човек што го сретнав, видов непокорна волја за слобода, дури и по цена на животот“, вели Дерала.
Тој претстави и нови иницијативи како „Заштита на демократијата“ и „Вестминстерска алијанса за Украина“, преку кои се повикува на координирана помош и јасни политички одлуки за поддршка на Украина.
Особено предупредува за влијанието на руската пропаганда и во Северна Македонија преку политички партии, медиуми и социјални мрежи.
Д. Јонузи