Пишува: ДЕСТАН ЈОНУЗИ
По 13 години застои, доцнења, репроектирања и политички битки, конечно се пуштија во употреба првите 20 километри од автопатот Кичево–Охрид, делница која стана симбол не само на лошото планирање и реализација, туку и на политичката хипокризија што денес владее со јавниот дискурс.
Владата предводена од коалицијата ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ денес се пофали со првите километри, иако до вчера токму овие партии го критикуваа целиот проект.
Премиерот Христијан Мицкоски се појави на терен и изјави: „Денес, само една година откако ја добивме довербата од граѓаните, покажуваме што значи вистинска работа со дела, а не со зборови.“
Министерот за транспорт Александар Николоски и заменик-министерката Калтрина Зеколи-Шаќири говореа за „голем чекор кон финализирање на еден од најважните коридори – Коридорот 8“, иако ВЛЕН – како дел од актуелната власт – во 2023 година го бојкотираше камен-темелникот на истиот проект со аргумент дека се работи за „свадба без невеста“ на ДУИ.
Денес, по една и пол година, истата ВЛЕН испраќа соопштение во кое тврди дека:
„Kоридорот 8 не е само автопат, туку и столб на економскиот развој, регионалната поврзаност и европската интеграција.“
Парадоксот е уште поголем кога директорот на ЈП „Државни патишта“, Коце Трајановски, вели:
„Некој може да каже дека ‘се китиме со туѓи перја’, но јас би рекол благодарам на сите што работеа до 2024 година… Но, ако ние работевме со темпото со кое работевте вие изминатите 7 години, можеби за 7 или 11 години ќе ја пуштевме оваа делница во употреба.“
Сепак, токму тие „туѓи перја“ за кои денес се искажува благодарност, доаѓаат од владата на СДСМ, која во своето соопштение потсети дека:
„Во 2017 година, затекнавме само околу 30% прогрес, нерешена експропријација, без изработени клучки и сериозни свлечишта. Проектот беше симбол на неспособност.“
СДСМ тврди дека проектот е спасен токму во нивниот мандат:
„Во 2018 и 2019 година, по комплетно репроектирање, продолживме со работа, и до 2024 година автопатот го предадовме со 83% завршеност.“
ДУИ, пак, која го иницираше проектот уште во времето на Никола Груевски, сега вели дека иако Kоридорот 8 носи нивен печат – „му припаѓа на сите граѓани“, и дека партиите кои денес се сликаат со делницата: „до вчера ја критикуваа изградбата со закани дека ќе го поништат договорот.“
И додека ВЛЕН се обидува да наметне нова нарација за „ново темпо, без сенки“, граѓаните добро паметат кој кога го бранеше, а кој го оспоруваше проектот. Се чини дека автопатот Кичево–Охрид не е само патен правец, туку и политички лакмус – кој го разоткрива вистинскиот однос кон државните приоритети: дали тие се градат за граѓаните или за камерите.