Во пресрет на локалните избори во октомври, државниот апарат повторно се користи како кадровски пазар за вдомување на партиски и блиски кадри. Повеќе од 730 активни огласи за вработување во јавниот сектор се појавија на страницата на Агенцијата за администрација, бројка што го надминува секој историски преседан.
– Ова е највисока бројка на објавени огласи за вработување од кога постои Агенцијата за администрација, предупредуваат од Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ), додавајќи дека ваквиот наплив на огласи е без преседан во пресрет на избори.
Огласите не се случајни, ниту се резултат на системски реформи, туку дел од предизборна тактика која властите ја повторуваат во секој изборен циклус. Во игра се институции како министерствата за образование, енергетика, земјоделство, дигитализација, но и бројни општини, јавни претпријатија, па дури и Катастарот и Царината – структури што се лесно инструментализирани за вработување на „своите“.
Синдикатот УПОЗ предупредува на алармантен притисок врз вработените во Секторот за селекција на кадри во Агенцијата за администрација:
„Со години наназад… вработените работат под исклучително голем притисок… што директно влијае на нивното ментално и физичко здравје“.
Станува збор за институционализирана злоупотреба, каде наместо професионална селекција, администрацијата се претвора во механизам за предизборна мобилизација.
Иако министерот за администрација, Минчев, се обидува да го релативизира процесот велејќи дека станува збор за „процес кој трае шест месеци“, фактите говорат поинаку. Бројот на огласи расте експоненцијално токму пред избори, што го доведува во прашање кредибилитетот на „реформите“ што владата ги најавува, но суштински не ги спроведува.
Партиизација без граници – МНАВ како пример
Најеклатантен пример за нетранспарентни и клиентелистички вработувања е случајот со М-НАВ, каде синдикатот бара поништување на огласот поради прекршувања на колективниот договор и конфликт на интереси.
„На огласот, меѓу примените се… сопруг на директорка, потпретседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ и сопруга на контроверзен лик осуден за 27 април“, се вели во реакцијата.
Во услови кога М-НАВ е со дефицит од 900 илјади евра, наместо рационализација се практикува вработување на партиски кадри, без транспарентност и со отворено кршење на процедурите.
2.000 евра за „заслуги“ – клиентелизам во сектор со човечки животи
Вработувањата во МНАВ се особено чувствителни, бидејќи агенцијата е одговорна за безбедноста на илјадници патници дневно.
– Се поставува прашањето, какви заслуги треба да има некој за да се вработи во МНАВ за плата од над 2.000 евра месечно? – прашува СДСМ, посочувајќи дека критериумите се партиска книшка, а не стручност.
Преку ваквите практики, не само што се поткопува капацитетот на институциите, туку директно се загрозуваат човечки животи, бидејќи професионалните стандарди се заменети со партиски лојалитет.
„На Мицкоски не му е важно што МНАВ е одговорен за илјадници животи секој ден. За него е важно неговите партиски војници да бидат вработени.“
СДСМ директно ја посочува ВМРО-ДПМНЕ за партизација на државата, наведувајќи дека ваквиот пристап довел до колапс на клучни институции и системи:
„Со партиските списоци и партиските вработувања, падна од систем и РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј. Не работи ни ТЕЦ Неготино. Партизирана и корумпирана држава е одлика на секоја власт на ВМРО-ДПМНЕ.“
Од ДУИ оценува дека огласите се обид за политичка манипулација со граѓаните.
– Објавените огласи, наместо да бидат алатка за изградба на функционални и професионални институции, се претвораат во изборни средства, дизајнирани за да создадат илузија дека „Владата работи“, иако во реалноста таа не успева на секое поле.
Според ДУИ, ваквите огласи служат како прикривање на годината неуспешно владеење — без реални реформи, економски развој или напредок во евроинтеграциите. Тие ја предупредуваат јавноста дека граѓаните не се „брoјки во изборна кампања“ и најавуваат дека октомвриските локални избори ќе бидат судница за лошото владеење.
„Граѓаните не се манипулираат. Граѓаните судат. А пресудата ќе биде јасна во октомври.“
МВР со оглас за 150 нови полицајци – повик или политичка игра?
Во спротивна насока, Министерството за внатрешни работи промовира оглас за прием на 150 нови полицајци, со силен апел:
„Биди полицаец. Биди хуман. Создај ред. Чувај ги граѓаните. Поседуваш храброст, солидарност и чесност…“
Овој оглас ја носи класичната порака за посветеност и интегритет, но се поставува прашањето дали овој повик е вистински обид за професионално јакнење на полицијата, или и тој се користи како дел од предизборната стратегија за мобилизирање поддршка преку вработувања.
Дестан Јонузи