Кабранов и Зенку за Фронтлајн ја анализираат предизборната сцена: во албанскиот блок дуел ДУИ–ВЛЕН, а во македонскиот доминација на ВМРО–ДПМНЕ и правни удари кон опозицијата
Пред локалните избори 2025, политичката сцена во Северна Македонија влегува во жешка предизборна реторика. Долгогодишниот новинар и политички аналитичар Ацо Кабранов оценува дека во албанскиот политички блок уште пред официјалниот старт на кампањата се води жестока војна на зборови меѓу ДУИ и ВЛЕН, односно меѓу кандидатите за Чаир, Османи и Меџити.
– Оваа општина ќе биде поле за најжестока кампања, бидејќи уште со изборот на кандидатите се најави пресметка до крај за одмерување на силите, изјави тој.
Кабранов смета дека во македонскиот блок ситуацијата е појасна – владејачката ВМРО-ДПМНЕ има предност, но веќе се бележат притисоци врз опозициските кандидати.
– Властa уште пред почетокот на кампањата поднесе кривични пријави против актуелни градоначалници на СДСМ, што е сигнал дека МВР ќе биде силно инволвирано во изборите, предупредува тој, додавајќи дека функционери од владејачката партија веќе активно ги придружуваат своите кандидати, а антикорупциската комисија молчи.
Новинарот и политички коментатор Дритон Зенку за Фронтлајн додава дека реториката во двата политички блока се засилува со фокус на идентитетски, економски и локални теми.
– Партиите на Албанците ја нагласуваат потребата за зајакнување на политичкото и економското учество на Албанците и заштита на нивните права, додека македонските се фокусираат на развој, инфраструктура и евроатлантска интеграција, вели тој.
Зенку очекува кампањата за локалните избори да биде комбинација од позитивни пораки за развој и жестоки критики кон противниците, со акцент на локалните проекти, но и ризик од засилени меѓуетнички тензии.
Првиот круг од локалните избори би се одржал на 19 октомври. Вториот круг ќе се одржи две недели после првиот.
Дестан Јонузи