Пишува: Јане ЃОРЃИОСКИ
Најстарите трикови никогаш не излегуваат од мода – само добиваат ново осветлување, нова камера и нови микрофони. Во древен Рим, поетот Јувенал рекол дека народот бара само две нешта – леб и игри.
“…duas tantum res anxius optat, panem et circenses.”
(„…само две работи го вознемируваат народот, само за две работи копнее – леб и игри.“) – поетот Јувенал.
Денес, во режија на Орце и Мицкоски не се нудат амфитеатри и гладијатори, туку камери и рефлектори. Не се делат зрна пченица, туку метли и метларки. И сè е спакувано во спектакл, со совршен агол за селфи.
Си го именуваа: „72 часа чисто Скопје“.
Од трибини и арени, човештвото премина на ПР-позорници. Секоја метла и лопата, секое насмеано лице пред камера, е дел од истиот древен рецепт – „леб и игри“.
Но, што чистите драги мои: улици, или совест?
Откако со месеци дозволивте заради вашите политички сплетки спектакуларно да се труе во смет главниот град, да се недрат стаорци и зарази, сега ќе ни продавате приказни?
Дали го чистите отпадот од контејнерите, или оној од памтењето?
И додека високо се веат метли во рацете на избезумени и изнемоштени комунални работници во очите на секој здраворазумен се фрла ПР-прашина. Од оние што ти замаглуваат поглед додека ти објаснуваат дека ова не е шоу и спектакл, туку дека е акција.
И така – циркузи.
Удрете кога сте начекале!
Текстот е личен став на Авторот
Поврзано:




