Од пред платото на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ вечерва спектакуларно започна големата акција „72 часа чисто Скопје“. На платото пред спортскиот центар се наоѓаат десетици камиони, цистерни и механизација подготвени за чистење на Скопје.
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски денеска по преземањето на градоначалничката функција најави дека вечерва од пред Спортскиот центар „Борис Трајковски“ ќе започне големата акција „72 часа чисто Скопје“.
– Во наредните 72 часа ќе дадеме сè од себе да блесне градот Скопје онака како што практично им ветив на моите сограѓани. Дополнително ќе помогнат и колегите градоначалници од внатрешноста, ќе бидат вклучени цистерни за перење на улиците. После долго време ќе ги переме и улиците во главниот град, плоштадот ќе се пере вечерва, кејот сериозно ќе се чисти и ќе се пере, така што дел по дел ќе ги ревитализираме и јавните претпријатија, да ги доведеме во нормала, рече Ѓорѓиевски.
Тој на почетокот на акцијата истакна оти Скопје мора да биде чист, достоинствен и уреден град.
-Ги мобилизиравме сите служби и во следните 72 часа ќе покажеме дека тоа е можно, изјави Ѓорѓиевски при стартот на акцијата.
Вечерва пред „Борис Трајковски“ се скопските градоначалници – на Општина Аеродром Дејан Митески, на Кисела Вода Бети Стаменковска Трајкоска и на Карпош Сотир Лукровски, но и Бобан Стефковски од Гази Баба и Александар Стојковски од Ѓорче Петров, кои дадоа поддршка на заедничката иницијатива за почисто и поуредено Скопје.
На почетокот на акцијата беше прсутен и премиерот Христијан Мицкоски. Тој на неговиот Фејсбук профил објави дека „вечерва има голема акција за чистење на сметот во Скопје“ и фотографија од почетокот на акцијата.
Возилата потоа во колони се упатија низ улиците на градот. Граѓаните на социјалните мрежи коментираат – „ова е спектакуларна ПР претстава“, ништо друго.
Во спектаклот се приклучи и градоначалникот на Центар Горан Герасимовски.
Ј. Ѓ.
Фото: Христијан Мицкоски на Фејсбук









