Црвени капи со натпис „Make America Go Away“ доживуваат неочекуван подем на популарност во Гренланд и Данска, претворајќи се во визуелен симбол на политичкиот отпор кон изјавите и заканите на американскиот претседател Доналд Трамп, пишува Euronews.
Капите се јасна пародија на движењето „Make America Great Again“ и директен одговор на повторените изјави на Трамп за преземање контрола врз Гренланд, вклучително и закани со дополнителни царини кон европски земји што му се спротивставуваат. Иако првично биле лансирани минатата година без поголем успех, актуелните тензии меѓу САД и ЕУ им дадоа нов политички и симболички живот.
Идејата потекнува од сопственикот на винтиџ-продавница во Копенхаген, Јеспер Рабе Тонесен, кој за Business Insider изјави дека по посетата на американска делегација на Гренланд сфатил дека станува збор за сериозна политика, а не за „реалити шоу“. „Сакав на хумористичен начин да испратам порака и да покажам поддршка за луѓето во Гренланд“, вели Тонесен.
Дополнителен импулс на кампањата ѝ даде и групата „Greenland Support“, чиј основач Виктор Шот истакнува дека најголем дел од нарачките сега доаѓаат токму од САД, а не од Европа. Средствата од продажбата, според него, одат за поддршка на гренландска детска хуманитарна организација, што уште повеќе ја зголемува поддршката за иницијативата. Тој нагласува дека пораката не е насочена против американскиот народ, туку против стилот на надворешна политика што го олицетворува Трамп.
Интересот на Трамп за Гренланд не е нов. Уште во 2019 година тој јавно зборуваше за можноста САД да го „купат“ островот, што беше дочекано со остра реакција од Копенхаген. Денес, темата повторно е актуелна поради стратешката важност на регионот – позицијата меѓу Арктикот и Атлантикот, богатите наоѓалишта на ретки минерали и постоењето на американската воена база Питуфик (поранешна Туле).
Во Гренланд, реакцијата на јавноста е јасна. Во Нук и други градови се одржаа протести на кои граѓаните порачаа дека иднината на островот треба да ја одлучуваат исклучиво Гренланѓаните. Иако прашањето за независност се дискутира со години, пораката е дека тоа мора да се случи по нивни услови, а не под притисок од надворешна сила.
Така, „Make America Go Away“ капите излегоа од рамките на моден тренд и станаа политичка порака – симбол на отпор против империјален тон во меѓународната политика и потсетник на правото на самоопределување.
Редакција Фронтлајн







