Полициски службеници од Одделот за униформирана полиција, Единицата за брзо распоредување, Посебната единица за поддршка, Единицата за интервентна полиција и Надворешната канцеларија за криминалистички работи Прилеп, изминатата вечер спроведоа контроли на лица и патнички возила на подрачјето на Прилеп при што две лица се лишени од слобода.
Кај М.И.(31) од Прилеп била пронајдена марихуана, а М.А.(44) од Прилеп затоа што се однесувал агресивно кон полициски службеници кои извршувале службени дејствија. За случаите е известен Јавен обвинител, а лицата се задржани во полициска станица за понатамошна постапка и по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни поднесоци, соопшти МВР.
Воедно во периодот од 21 до 04 часот, Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата спровела засилена акциска контрола на територијата на град Прилеп за санкционирање на возачи кои не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. При контролата санкционирани се 51 возач.
Од МВР соопштуваат дека засилените акциски контроли продолжуваат и испраќаат апел граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи со цел придонес во безбедноста во сообраќајот.