Пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Нема ни цела година откако Скопје го погоди политичката непогода – Данела и градски совет со мнозинство во рацете на ВМРО-ДПМНЕ и ним слични, да не ги набројуваме сега, ќе мислат дека се важни. Тука некаде би требало да престане одделното спомнување на името на градоначалничката и партијата во која, само формално не е член, но затоа целосно ѝ припаѓа. Јавноста го следи и коментира како судир меѓу Данела и ВМРО-ДПМНЕ.
Да не се лажеме. Во суштина, овде се работи за внатрепартиски судир кој излезе од контрола и ништо повеќе.
На самиот почеток на владеењето со градот, Данела „се прослави“ со неколку исклучително штетни одлуки кои многу скапо го чинат и допрва ќе го чинат главниот град. Следеа и кавги пред камери (како пред Универзална сала) во кој не се виде ништо друго освен веќе добро познатата ароганција од времето на Режимот.
Потоа, Данела се повлече во длабоките води на анонимноста, односно престана да комуницира со јавноста. Исто така, многу добро познато. Ги покажа сите симптоми на децениската антидемократска „болест“ на авторитарната партија на Груевски, чиј шеф повеќе од пет години е Мицкоски.
И потоа, има конфликт меѓу „независната“ Данела и ВМРО-ДПМНЕ? Актерот Кили на ова, мошне соодветно, би рекол „ма немој да ме је**ш бре“. Не, уште еднаш и уште милион пати – не. Се работи за тежок конфликт внатре во партијата. Може Данела да тврди дека е „независна“ колку сака, а вмро да се откажува од неа колку сака, но едно е јасно. Овде се работи за гола борба околу милионски суми (во евра). Невообичаено е само тоа што борбата околу милионите евра, јавни пари (!), излезе на површина. Инаку, вмровците се познати по тоа што конфликтите ги држат херметички затворени, далеку од очите на јавноста. Сѐ друго е партиска класика.
Конфликтот меѓу Данела и градскиот совет доминиран од вмровците, предводени од цел еден екс-министер за финансии на Груевски и универзитетски професор, скарани околу вртоглави милионски суми (во евра), на површина ја изнесе сета нечистотија на политиките во изминатите десет месеци. „Неутралците“ што ја донесоа „независната“ Данела на власт се обидуваат од ова да изградат нов наратив што ќе им ја смири совеста. Пошироката публика се забавува со коментари на комичните нишкања со главата од говорницата (нешто помеѓу танц на кобрата и преглумувањето во индиските сапуници). За тоа време, десетици милиони евра остануваат „стопени“ некаде меѓу злоупотребите, неспособноста и криминалот.
Но да ја тргнеме на страна политичката бурлеска. Ни сеирот не е целосно наивен, туку се наѕира политичко калкулантство (крајно погрешно) – кој со кого и како ќе оди во можни прегрупирања, што ќе произлезат од внатрепартискиот конфликт во вмро на линија Данела – Мицко (1:0). Уште поважно за граѓанките и граѓаните на Скопје (и пошироко) е: Што после сето ова соголување на скопската циркуска арена? Ќе чекаме „бандите на Њујорк“ самите да се испотепаат меѓу себе?
Што направија „неутралката“ и вмровскиот градски совет во меѓувреме? Накратко – десет месеци нефункционална градска власт, очигледно ефикасна само во дисциплината „рачињата во медот“ кои, демек, ги фатила Данела. Ги гледаме како се испотепаа (вербално) околу тешки милиони во евра. Данела практично призна – додека молчела, била добра. Сега, откако непознат број милиони евра се злоупотребени, а веројатно исто толку пропаднаа поради неспособност и ароганција, вмровците бараат оставка од таа што ја креваа до небо пред 10 месеци.
Скопје заслужува барем малку повеќе од живот меѓу танцот на кобрата и боливудските сапуници. Без оглед на тоа што мнозинството одлучило да биде „неутрално“ на локалните избори.
Во ваква ситуација, централната власт ги презема ингеренциите. И започнува истрага за корупција и злоупотреба на јавните пари.