Секретаријатот за европски прашања објави јавен повик за пријавување на сите заинтересирани граѓански организации за консултации за процесот на преговори за пристапување на Северна Македонија кон Европската Унија.
СЕП потсетува и на најавата на вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач со ЕУ, Бојан Маричиќ дека преговорите ќе се водат транспарентно и инклузивно, со сите општествени чинители.
– Граѓанскиот сектор e важен партнер во спроведувањето на реформите на патот кон ЕУ, бидејќи со своето знаење и искуство дава значаен придонес во развојот и подобрувањето на клучните стратешки документи, како и спроведување на политиките кои нè приближуваат кон членство во ЕУ, смета Маричиќ.
Целта на овој повик е создавање регистар/база на граѓански организации на кои СЕП ќе може да смета во текот на процесот на преговори за пристапување кон ЕУ и кои ќе може да ги известува континуирано и да ги консултира повремено за прашања поврзани со преговорите за пристапување.
Заинтересираните граѓански организации имаат можност да се пријават за една или повеќе области и поглавја од правото на Европската Унија во рамки на нивното поле на делување, исклучиво преку пополнување на електронскиот формулар за регистрација достапен на веб страницата на Секретаријатот за европски прашања, односно на следниот линк.
Сите граѓански организации кои се регистрирани во државава според Законот за здруженија и фондации и кои делуваат на територијата на Северна Македонија имаат право да се пријават и да бидат регистрирани, информираат од СЕП.
Извор: 24инфо.мк