Украинскиот парламент го усвои законот за националните малцинства, што е клучен услов за пристапување на земјата во ЕУ. За укинување на стариот закон и усвојување на новиот гласаа вкупно 324 пратеници, објави на Телеграма украинскиот пратеник Јарослав Железниак. За потсетување, Украина во јуни доби статус на кандидат за членство во ЕУ, историски потег што и ја отвори вратата за членство во ЕУ на таа земја разурната од војна.
Украина ќе успее. Европа ќе успее. Денешниот ден значи почеток на долгото патување на кое ќе одиме заедно. Украинците припаѓаат на европското семејство. Иднината на Украина е во ЕУ, изјави пред половина година украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.
Предлог законот беше осмислен за „зајакнување на заштитата на правата на националните малцинства“, вклучувајќи ги „правата на самоопределување, употребата на јазикот на националните малцинства, образованието, учеството во политичкиот, економскиот, социјалниот и културниот живот“.
Олександр Корниенко, првиот потпретседател на украинскиот парламент, истакна дека парламентарците „гласале за сите неопходни закони што го отвораат патот за пристап на Украина во ЕУ“. „Се радуваме на позитивните одлуки за Украина. Украина е Европа!“ додаде Корниенко.
Вообичаено, потребни се години за една земја која аплицирала за кандидатски статус, всушност да го добие тој статус, но ЕУ драматично го забрза пристапниот процес за Украина, со оглед на руската инвазија на која се изложени Украинците, пишува Гардијан.