Пишува: ЗОРАН БОЈАРОВСКИ
Вицепремиерот Бојан Маричиќ и главниот преговарач на Северна Македонија во процесот на отворените преговори за членство во ЕУ вели дека „за првпат во нашата историја блокадата е во наши раце, а досега била во рацете на соседите“ и дека е „незамисливо самите да се блокираме и да се паркираме на истото место“.
Ова е прилично јасна и илустративна оценка за ситуацијата во која сега се наоѓа државата, но за да биде уште појасно, треба да се каже дека сега единствени актери на таа блокада се Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, а тука некаде, скриени зад грбот на рускиот амбасадор се и Левица.
Да звучи апсурдно, ама е вистинито. Еве зошто:
На 14 јули Урсула фон дер Лајен во Собранието ни порача „Европа ве чека. Чекајќи и надевајќи се дека ќе направите уште чекор кон нашата унија. Вашата држава е на пат да стане членка на ЕУ“.
Само две недели поминаа од посетата на германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер на Скопје кога како искрен и вистински пријател им порача на пратениците од сите партии во Собранието да не ја изгубат од видот следната цел, тоа што е стремеж 17 години – пристапувањето кон ЕУ. „Сигурен сум дека на патот кон Европа вреди да се направи уште еден тежок чекор“, истакна Штајнмаер.
Канцеларот на Германија Олаф Шолц деновиве во своето обраќање во Бундестагот со посебен акцент нагласи дека во интерес на СР Германија и Европа останатите земји од Балканот да се приклучат на Европската Унија.
На 23 ноември оваа година, со 502 гласа „за“, 75 „против“ и со 62 воздржани, Европскиот парламент ја усвои Резозлуцијата за стратегијата за следното проширување на ЕУ, којашто ја презентираше европратеникот Тонино Пицула.
Резолуцијата е во прилог на подготовката на новата стратегија за проширување на ЕУ и ги повикува Европската Комисија и Европскиот Совет „преговорите за пристапување (во членство) да завршат до крајот на 2030 година“, и дека „проширувањето треба да остане отворен проект со прецизен дедлајн“ доколку ЕУ сака да остане важен геополитички играч на глобалната политичка сцена.
Препораките за забрзување на евроинтеграцијата на регионот сега поинтензивно доаѓаат и од влијателните тинк-тенк и медиуми во Брисел. Во анализа објавена деновиве „Политико“ се препорачува „лидерите на ЕУ да го искористат геополитичкиот момент за да ја обноват интеграцијата на шесте земји од Западен Балкан“, зашто во спротивно ризикуваат земјите од региомнот „да ги користат Русија и Кина во нивните игри на моќ“.
Анализата на „Политико“ оди уште понатаму и сугерира ЕУ да го преобликува процесот на пристапување, да распредели повеќе од финансиските и пазарните придобивки од членството однапред за да има побрз напредок во реформите. ЕУ треба да ги покани министрите од регионот да присуствуваат на неформалните состаноци на Европскиот Советот за прашања од заеднички интерес. Она што е особено значајна препорака е земјите од Западен Балкан да „делегираат“ набљудувачи во Европскиот Парламент истовремено со европските избори во 2024 година, за да бидат слушнат во европскиот законодавен дом без право на глас во законодавството на ЕУ.
Сето ова се силни сигнали кои најавуваат сериозно менување на пристапот за проширувањето на ЕУ и дека Брисел мора да го искористи геополитичкиот момент на Балканот за да се постави како кредибилен геостратешки играч визави Русија и Кина, и тоа на својата, сопствена територија.
Но пресудно за ова прашање е тоа што се случува, или ќе се случува и на домашната политичка сцена. Сега на неа, како единствени „блокатори“ на нашата интеграција во ЕУ останаа Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, а Левица е тука за „порадикални методи“ бидејќи сите други се „копуци“ и ако треба ќе влезеле „многу пожестоко“. До првиот агол, а потоа кривина…
Ама сега и од ВМРО најавуваат пожестоко. Така звучи нивната изјава преку партиското соопштение во кое се вели дека ниту францускиот претседател, ниту германскиот канцелар нема да ги разубедат лидерот и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за внесување на Бугарите во Уставот под бугарски диктат.
За кого е оваа порака ви се молам? За нашите сојузници во ЕУ коишто толку енергично се залагаат да го забрзаат процесот за нашето членство во ЕУ, со чист идентитет и признаен македонски јазик?
Ако е така, а така е, Мицкоски само ја продолжува политиката на Груевски. Груевски го одлагаше пристапувањето на членството во ЕУ и НАТО за да ги спроведе своите лични проекти за антиквизација на Македонија и за да ја „зароби“ државата, спротивни на сите национални интереси на земјата и на нејзините граѓани.
Мицкоски сега го продолжува неговото дело.
Договорот Фронтекс на македонски јазик, преведен на сите 25 официјални јазици на ЕУ, вклучувајќи го и бугарскиот, го прави јазикот на Македонците посебен и автентичен, исто како што и внесувањето на Бугарите во Уставот на државата ќе ја направи и „устaвно“ видлива разликата за два различни народа – македонскиот и бугарскиот.
Оттаму, благодарение на оваа „услуга“ на актуелната политичка елита на Бугарија, ова прашање ќе биде затворено и уште ќе ја изложи пред европската јавност целата апсурдност на бугарската блокада на европскиот пат за Северна Македонија.
И не, не се работи за тоа дека ја „ставаме под тепих“ темата Македонците во Бугарија. Само треба да бидеме мудри и да го забрзаме процесот за отворање на поглавјата и со тоа членството во ЕУ.
Кога ќе бидеме во клубот на еднаквите многу полесно ќе биде да го отвориме прашањето за Македонците во Бугарија, ама за тоа треба политички прагматизам, а не жестоки радикални методи кои само ќе не одалечат од целта.
Уште два три реда за сигналите за промените во стратегијата за проширување на ЕУ.
Во целиот овој контекст сликата ја дополнуваат и кандидатскиот статус за Босна и Херцеговина, визната либерализација за Косово, како и нивната апликација за членство во ЕУ, прифаќањето на Хрватска во еврозоната, како и „дисциплинската“ за Бугарија по тоа прашање…
Од сето ова станува јасно дека, ако не сите, тогаш поразумните пратеници на ВМРО-ДПМНЕ треба да ги препознаат овие сигнали и со чиста совест да ја прифатат иницијативата за промена на Уставот и да учествуваат во уште еден голем и историски чекор. Да бидат запаметени како личности што во прв план го ставиле националниот интерес на државата, наспроти инаетот на нивниот лидер кој секое утро се буди со една единствена амбиција да биде премиер наместо премиерот, повторувајќи ја мантрата „предвремени избори, предвремени избори, предвремени…“.
Извор: ЦИВИЛ Медиа