Пишува: ЉУБИША НИКОЛОВСКИ
Изминативе денови медиумите се опседнати со резултатите од анкетата на ИРИ.
Ама со кои резултати? Најмногу со честитката до Груевски за Св. Никола од некои граѓани кои се сетија дека му е именден, па го почестија со 7 проценти рејтинг, за се што сторил во изминатава година за Македонија, седејќи и правејќи бизнис со нивни пари во Будимпешта. Оти лани не беше толку активен за каузата, па ништо не направи и затоа доби само три посто поштовање од македонските граѓани.
Наградата затоа ја доби ВМРО-ДПМНЕ со 19 проценти кои би гласале за нив ако утре, (петок) има избори.
Ама остана нејасно како ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ со Христијан Мицкоски на чело на партијата, кога му веруваат само 6 проценти од вмровците. Па кој ќе ја води партијата на избори, Никола или Христијан? Можеби заедно, Мицкоски ќе отвора уста, а ќе збори Груевски.
Затоа и молчи Христијан Мицкоски, веројатно малку увреден од резултатите, па се теши со рејтингот на партијата и нормално веднаш побара избори.
Засега само лидерот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски е задоволен од резултатите и тоа не го крие. Пет посто рејтинг не е за фрлање ако се има предвид дека ни една година не е на власт во партијата и во државата, за разлика од неговиот главен опонент Мицковски кој патем утре ќе одбележи пет годишнина во опозиција, а доби само еден процент повеќе.
Ете тоа беше „главна вест“ во македонските медиуми, сè друго како да е помалку важно. Им ја дезавуираа анкетата на ИРИ.
Но и тие, како и партиите, најмногу се „палат“ на рејтинзите.
Е па, ако е така, тогаш резултатите кои патем се незначителни, говорат дека граѓаните во сегашните раководства не гледаат онаква личност каква тие замислуваат дека треба да биде. Едноставно, како да бараат фото робот кој би бил најпогоден за сите граѓани и за државата во целина.
Затоа тие гласале и за сегашни и за бивши политичари и лидери на партии, па дури и за оние кои не се тука.
Излегува дека речиси секој граѓанин има свој фаворит за кој смета дека во ова време-невреме е најдобра опција за излез од кризата.
Лутање и неконзистентност во одговорите има поради дијаметрално спротивните политички понуди на партиите што граѓаните ги доведуваат во заблуда, која од нив е исправна.
При тоа национализмите како поедноставна политичка матрица полесно проаѓаат кај населението кое уште бара „цврста рака“, „национална држава на Македонците“ во која ќе се знае кој е „газда дома“, и власт што на странците ќе им каже одлучно не во мешањето во внатрешните работи на земјата.
Демократските вредности кои подразбираат еден друг вид патриотизам заснован на либерални односи, толеранција и мултикултурализам се покомплексни за разбирање и потешко фаќаат место кај делови од населението.
Но тоа не е правило и не мора да биде така, ако храбро и едноставно им се предочи на сите граѓани во државата.
Такво искуство доживеавме со прокламираното „Едно општество за сите“ од страна на Зоран Заев, идеологија што ја прифатија мнозинството граѓани од сите општествени категории па дури и од другите етнички заедници, вклучувајќи ги и Албанците како најрезистентни во тој поглед.
Заев, со такви идеи кои беа цунами во тоа време на пораст на национализмите и од македонска и од албанска страна, беше најпопуларен политичар со дури 10 проценти рејтинг кај граѓаните. Тоа значи дека доколку во својата идеолошка матрица лидерот на партијата внесе инклузивни елементи за различни категории граѓани по етничка, верска и друга припадност, може да биде најпопуларен и со највисок рејтинг меѓу населението. Но не треба да се заборави дека со рејтингот треба да оди напоредно и довербата, затоа што рејтингот може да доаѓа и од чист популизам.
Силината на идејата за „Едно општество за сите“ можеби изгуби на интензитет во последно време од различни причини, но врз таа основа сега функционира коалициската Влада во која функционираат повеќе партии од различна етничка провиниенција и има капацитет да апсорбира и нови кои по дифолт се и меѓусебни опоненти на надворешната политичка сцена.
Тоа е либерализам базиран на еднакви можности и услови, без разлика кој на каква функција се наоѓа.
Оттаму не треба да зачудува што најголем рејтинг во Владата предводена од СДСМ имаат министри и Македонци, но и Албанци. И најмногу забелешки се разбира. Но тоа е поентата на општество кое е мултиетничко и по кое Македонија стана позитивен пример во регионот на што се повикува Европа, а (САД) Ескобар не ја вади од уста.
Можеби за приврзаниците на „чиста Македонија“ е чудно, но е пример на единство во Владата кога премиерот Димитар Ковачевски меѓу првите министри во кои има голема доверба и од кого е многу задоволен е министерот за економија Крешник Бектеши, на кого спротивно на премиерот, некои партиски колеги му забележуваат што подеднакво се грижи за економијата во сите региони во земјата, а не само за западниот. Или кога за европската перспектива на земјата и за македонскиот јазик се бори министерот Бујар Османи, кому патем некои Албанци му забележуваат дека почнал подобро да говори македонски од албански, но кој во напорите за признавање на автокефалноста на МПЦ, влезе и во вселенската Патријаршија на заедничка богослужба на македонскиот Архиепископ Стефан и вселенескиот Патријарх Вартоломеј.
Ова е за прв пат министрите Албанци да не изјавуваат дека за нив премиер на кого му одговараат е Али Ахмети.
Истото важи и за вицепремиерот Фатмир Битиќи кој наместо во ДУИ или некоја друга партија на Албанците, станал член и потпретседател на СДСМ.
Оттаму, Груевски, Црвенковски па и Заев можат мирно да седат настрана и да гледаат како рејтингот им расте или им опаѓа од година во година, а тие да немаат никаква улога во тоа.
Оние кои ќе го „кркаат“ се актуелните политичари. Од тоа какви одлуки тие ќе носат, ќе зависи дали ќе се борат за рејтинг сега и одма, или тој ќе дојде отпосле, според заслугите кон државата и граѓаните.
Текстот е личен став на Авторот. Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0.