Шведска е уверена дека Турција ќе одобри влез во НАТО, иако нема да ги исполни сите услови кои Анкара ги постави за нејзина поддршка, изјави во неделата шведскиот премиер.
„Турција потврдува дека го направивме она што го кажавме дека ќе го направиме, но тие исто така велат дека сакаат работи што не можеме или не сакаме да им ги дадеме“, рече премиерот на Шведска Улф Кристерсон.
Финска и Шведска потпишаа договор со Турција во 2022 година, со цел да се надминат приговорите на Анкара за нивното членство во Организацијата на Северноатлантскиот договор.
Тие во мај аплицираа за влез во НАТО како одговор на руската инвазија на Украина, но Турција се спротивстави и ги обвини земјите дека засолнуваат милитанти, вклучително и од забранетата Курдистанска работничка партија.
На прес-конференција подоцна во неделата, Кристерсон рече дека барањата што Шведска не може или не сака да ги исполни се надвор од опсегот на тринасочниот меморандум.
„Турција одвреме-навреме споменува поединци кои сакаат да бидат екстрадирани од Шведска. На тоа реков дека тие прашања се решаваат во рамките на шведскиот закон“, рече тој.
Анкара изрази разочарување од одлуката на крајот на минатата година на највисокиот суд на Шведска да го запре барањето за екстрадиција на новинар кој има наводни врски со исламскиот научник Фетула Ѓулен, кој Турција го обвини за обид за државен удар.
Извор: Ројтерс