Доцна вечерва заврши средбата меѓу лидерите на албанските политички партии во Северна Македонија со премиерот на Албанија Еди Рама која се одржа во Тирана. На средбата, освен албанскиот премиер Рама присуствуваше и министерката за Европа и надворешни работи, Олта Џачка. Рама на Фејсбук објави фотографија од средбата со новогодишна честитка до сите Албанци, како што наведува, каде и да се.
По средбата, лидерите на партиите на Албанците оценија средбата како братска, релаксирана во чиј фокус била заедничката европска иднина на двете земји.
Претседателот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети по средбата со премиерот Рама даде изјава, каде рече дека главното прашање на разговорот била соработката меѓу Северна Македонија и Албанија за членство во ЕУ како единствен начин да се запре заминувањето на граѓаните.
„Целото внимание беше насочено кон заедничките случувања. Имаше некој вид предавање на премиерот Еди Рама за предизвиците и заедничките напори што се направени, како и за напорите што мора заедно да се направат кон отворањето на првото поглавје за членство во Европската Унија. Значи, двете земји мора да се координираат за да го скратат патот кон членството во ЕУ за да ја запрат големата имиграција од нашите две земји. Се споменуваше и примерот на Шпанија и Португалија, бидејќи во моментот кога тие станаа членки на ЕУ, огромното мнозинство Шпанци и Португалци беа вратени нивните земји. Тоа беше суштината на разговорот. Напуштањето на земјата може да се спречи само со приближување на западните стандарди. Тоа беше суштината на разговорот“, изјави Ахмети за медиумите во Тирана.
На новинарско прашање дали оваа средба може да биде злоупотребена од македонската опозиција, Ахмети изјави дека нема причина за тоа.
„Мислам дека нема причина да се злоупотреби оваа средба, бидејќи разговаравме за заедничките судбини на нашата земја и на Албанија“.
Што се однесува до бојкотот на Движењето Беса на оваа средба, Ахмети рече дека претставниците на оваа политичка партија покажале политичка незрелост со тоа што не учествувале.
„Движењето Беса покажа политичка незрелост, таква средба не требаше да се избегне, било во Тирана или во Скопје. Добро е луѓето да не видат заедно“ – додаде Ахмети.
Таравари: Нема дилеми дека албанските партии се за евроинтеграции
По средбата, првиот човек на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари изјави дека средбата повеќе наликува на вечера за почеток на новата година.
Тој нагласи дека на средбата се разговарало за предизвиците што ги очекуваат нашите две земји на патувањето кон ЕУ и оти го уверил премиерот на Албанија дека не постои албанска партија која е против интеграцијата на земјата во ЕУ и со тоа дека се за уставни измени.
„Средба за почетокот на годината. Општа анализа на ситуација во Северна Македонија и Албанија и во регионот. Анализа на руската инвазија врз Украина. Економската состојба во Македонија и Албанија. Разговаравме и за заедничката иднина на Албанија и Македонија во насока на Европската Унија. Имавме и поминавме заеднички предизвици. Сега како две земји од НАТО посакуваме и се надеваме, беше заеднички заклучок да ги започнеме и продолжиме преговорите за Европската унија. Истовремено да се приклучиме во Европската унија. Сите албански политички партии кои беа тука апсолутно ја поддржуваат оваа идеја и се на оваа линија. Кај ниту еден партиски лидер нема сомнеж дека Македонија треба да го следи патот кон Европската унија“, рече Таравари во изјава пред медиумите која ја објави на социјалните мрежи.
За тоа дали се разговарало за уставните измени што треба да се случат во Северна Македонија, Таравари рече дека нема албанска партија која е против уставните измени.
Тој додаде дека нема усвоени заклучоци од средбата, дека повеќе се разговарало за досега постигнатото.
Тачи: Разговаравме за нашата заедничка иднина во ЕУ
Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, по оваа средба изјави дека не разговарале за ништо конкретно, освен за заедничката иднина на двете земји во Европската унија.
„Братска средба си посакавме една на друга и на сите Албанци нова година. Зборувавме за нашата заедничка иднина на патот кон Европската унија, а не за нешто поконкретно. Ви благодарам! Среќно!“, рече Тачи, пренесува ТВ21.
Гаши објави фотографија од заедничката средба
Претседателот на Алтернатива Африм Гаши на својот профил од социјалната мрежа Фејсбук објави фотографија од средбата со порака “За добра европска година за нашата нација и за нашите две земји!
Н.Абдурахмани / ЦИВИЛ Медиа