Анкара би требало да го земе примерот за добри односи на Грција со Северна Македонија, кои се развиваат врз основа на меѓународниот легитимитет и водат кон иднина на просперитет за двата народи, рекол алтернативниот министер за надворешни работи на Грција Милтиадис Варвициотис, одговарјќи на новинарско прашање за Турција, по средбата во Атина со заменик- претседателот на Владата на Северна Македонија задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, соопштија од грчкото МНР, пренесува МИА.
Од Министерството за надворешни работи на Грција соопштија дека Варвициотис, во изјавата по средбата со Маричиќ, ја изразил цврстата грчка поддршка за европската перспектива и на Северна Македонија и на земјите од Западен Балкан, споменувајќи ја Солунската агенда од 2003 година.
-Интеграцијата ќе ги зајакне стабилноста и безбедноста во регионот, како на политичко, така и на економско и на енергетско ниво, рекол Варвициотис и додал дека „тесната соработка меѓу земјите може да придонесе за енергетска стабилност во поширокиот регион на Југоисточна Европа“.
Вицепремиерот за европски прашања на Северна Македонија, според грчкото МНР, истакнал дека денешната средба испраќа порака на добрососедски односи и градење заедничка европска иднина.
-Грција има лидерска улога во поддршката на европската перспектива на Западен Балкан, истакнал Маричиќ, според соопштението од грчкото МНР.
Од Министерството за надворешни работи на Грција додадоа дека на новинарското прашање до алтернативниот шеф на грчката дипломатија и заменик-претседателот на Владата за турските првокации Маричиќ рекол дека Северна Македонија го почитува меѓународното право.