„Политичките лидери на Северна Македонија ќе одлучуваат за евентуалната промена на Уставот. Мојот колега, евроамбасадорот Гир беше јасен – со цел одржување на динамиката на евроинтеграциите, уставните измени мора да бидат направени“ изјави шведската амбасадорка Ами Ларсон Џаин на годишната конференција „Година на нови можности“.
Таа додаде дека покрај уставните измени следен предизвик се реформите и владеењето на правото, што ќе бидат трансформативен процес со многу работа и одлучност.
„Реформите ќе донесат корист за граѓаните, не од денот кога Северна Македонија ќе стане членка на ЕУ, туку од денот кога реформите ќе се спроведат. Тоа мора да се случува во целото општество“ рече Ларсон Џаин.
Таа додаде дека борбата против корупцијата и владеењето на правото се основи за функционирање на една држава и потребна е сериозна посветеност од сите засегнати страни, транспарентност и одговорност.