Преговорите за проширување на владиното мнозинство финишираат и се очекува само формализирање на пошироката владина коалиција во која влегува и Алијансата за Албанците.
Од Алијансата за Албанците вчера информираа дека е постигнат договор за нивен влез во владината коалиција, согласно кој партијата во идната Влада ќе има три члена и тоа министри за правда и за здравство, додека за третото место во игра се позицијата вицепремиер задолжен за економски прашања или прв човек на Министерството за информатичко општество и администрација.
Од СДСМ се претпазливи и не ги потврдуваат овие информации за кадровските решенија во Владата.
И додека се зголемува владиното мнозинство, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по којзнае кој пат се заканува со предвремени парламентарни избори. Која му е логиката на Мицкоски, во услови кога има проширување на владино мнозинство да бара предвремени избори, само тој си знае.
Тој, очигледно во очај, вели дека не очекува влезот на Алијанса за Албанците во Владата да ги промени работите, туку дека ќе ги влоши.
Од Алијансата за Албанците реагираа на изјавата на Мицкоски изразувајќи жалење што тој и ВМРО-ДПМНЕ, како што велат, сè уште не излегле од стариот менталитет каде што Владата ја гледаат само како средство за богатење.
„За нас оваа година е важна и одлучувачка година за иднината на државата и на граѓаните. Сè додека ВМРО-ДПМНЕ е против уставните измени, а кои што се услов за отворање на преговорите со ЕУ, не можеме да придонесеме за изолација на државата, туку сакаме да дадеме време на отворањето на европската перспектива“, наведуваат меѓу другото од АА.
Како заокружување на формалностите, Извршниот одбор и Централниот одбор на СДСМ денеска ќе одржат седници, на кои се очекува претседателот на партијата и премиер Димитар Ковачевски да го презентира исходот од разговорите со Алијанса за Албанците за приклучување кон владејачката коалиција, како и понудата до актуелниот коалициски партнер Алтернатива со чиј лидер Африм Гаши вчера имаше средба.
Од Алтернатива не откриваат детали за исходот од разговорите помеѓу Ковачевски и Гаши и најавуваат дека одлука за натамошното делување нивните партиски органи ќе носат откако, како што велат, ќе се формализира новата коалиција.
Ј. Ѓ.