- 20% од територијата на Грузија е под руска окупација
- БиХ, освен од Русија, се соочува со низа други предизвици по својата безбедност и стабилност
- Транснистрија претставува континуирана закана за безбедноста и стабилноста на Молдавија
Соочени со бројни безбедносни и воени предизвици, Босна и Херцеговина, Молдавија и Грузија спаѓаат во категоријата „земји во ризик“, брифираат извори во седиштето на НАТО во Брисел, каде што се одржува Состанокот на министрите за одбрана на НАТО.
Главниот фокус на овој настан „важен за трансатлантската безбедност“ (Столтенберг) е Украина, но на дневниот ред на НАТО се најдоа и овие три земји. Претходно, на самитот на НАТО во Мадрид, во јуни 2022 година, беше донесена декларацијата во која се вели:
„Во светлина на променетото безбедносно опкружување во Европа, донесовме одлуки за нови мерки за зајакнување на приспособената политичка и практична поддршка за партнерите, вклучувајќи ги Босна и Херцеговина, Грузија и Република Молдавија. Ќе работиме со нив за да го изградиме нивниот интегритет и издржливост, да развиеме способности и да ја поддржиме нивната политичка независност…“ (точка 17 од Декларацијата на Самитот во Мадрид)
На брифингот на НАТО беа споделени информации за повеќе конкретни пакети за поддршка на трите земји за справување со безбедносните и воените предизвици, како и за јакнење на нивните капацитети за одбрана.
ГРУЗИЈА
Веројатно најголема и најнепосредна опасност за безбедноста и стабилноста ја демне Грузија. Руските воени сили окупираат дури 20 проценти од територијата на оваа поранешна советска република, уште од воената агресија на Путин во 2008 година. Тоа е речиси три пати повисок процент на територија под руска окупација, отколку територијата што Русија ја окупира по првата воена агресија против Украина во 2014 година, каде што тогаш окупира 7 проценти од украинската територија.
Освен воената окупација на една петтина од грузиската територија, Русија претставува континуирана закана за безбедноста и стабилноста на Грузија. Русија продолжува со бројни сајбер напади врз грузиски институции и комуникациски системи и, наспроти, огромниот капацитет вложен во воената агресија против Украина, сѐ уште ги одржува капацитетите за внесување несигурност и загрозување на безбедноста на Грузија.
Од друга страна, Грузија, како држава партнер на НАТО, ревносно учествува во мисиите на НАТО. Според изворите во НАТО, особено видливо и успешно е грузиското учество во долгогодишната мисија во Авганистан. Нашите НАТО брифери не испуштија да кажат дека Грузија редовно учествува и на сите воени вежби на Алијансата и дека забрзано работи на осовременување на своето вооружување.
НАТО, по овој Состанок на министрите за одбрана во Брисел, веќе има јасни програми како да ѝ помогне на Грузија да направи транзиција на своите воени арсенали и опрема од времето на Советскиот Сојуз во вооружување и опрема според западните одбранбени стандарди. НАТО е на пат да работи со грузиската одбрана во заеднички центар за обуки, а ќе посветат многу внимание и на зајакнувањето на кризниот менаџмент и разузнавањето.
Проблемот со набавка на резервни делови и опрема останува предизвик поради намалените залихи кај самите НАТО сојузници, но се работи забрзано и на решавање на тој проблем, како што најави и Столтенберг, пред почетокот на Состанокот во Брисел.
Една од новините во пакетот за НАТО поддршка на Грузија е и планот да се работи на изградба и на инфраструктура за обуки и вежби на грузиските одбранбени сили, како што се воени полигони и стрелишта во земјата.
БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА
Официјално Сараево се соочува со тешки кризни состојби во доменот на безбедноста и стабилноста на Федерацијата. Во главниот град на земјата со години е активно седиште на воената мисија на НАТО во БиХ, но земјата продолжува да се соочува со голем број предизвици, како и со ризикот од дестабилизација предизвикан од надворешни фактори.
Земјата која помина низ тешка четиригодишна војна во која животот го загубија повеќе од 100.000 луѓе, а 2,2 милиони беа раселени, речиси три децении по Дејтонскиот договор (1995) со кој беа дадени и основите на сегашната Федерација БиХ, сѐ уште се соочува со огромен број предизвици.
Во новиот пакет за НАТО поддршка на БиХ спаѓаат низа проекти за јакнење на капацитетот на одбраната на БиХ, како и на структурата и институциите на федерално ниво. НАТО ќе работи и на подобрување на капацитетот на федералната влада за апсорбирање на зголемен обем на оперативни и проектни зафати. Ова особено се однесува на областите како што се сајбер безбедноста, антитероризмот, воздушната санитетска евакуација, подобрување на одбранбената инфраструктура и низа други проекти.
Неименуваните претставници на НАТО не коментираа на прашањето дали во планинските подрачја на Република Српска има скривници со оружје кое би можело да се употреби за вооружени конфликти. Но потврдија дека Босна и Херцеговина се соочува со сериозни предизвици, освен од руските закани, и со исламскиот екстремизам и со сецесионистичките тенденции на екстремистите во Република Српска.
Токму тие предизвици се адресирани во новиот НАТО пакет за поддршка на Босна и Херцеговина за подобрување на безбедноста и стабилноста на федерално ниво. Од нив, најмногу внимание се посветува на пакетот за поддршка во борбата против тероризмот, како и кон подобрување на федералните системи за одговор на кризни ситуации, за да се одржи земјата што е можно побезбедна.
МОЛДАВИЈА
Оваа постсоветска република, својата независност ја стекна во 1990 година, но постојано се соочува со предизвици по својата стабилност и безбедност. Конфликтот со сепаратистите на Транснистрија, поддржани од Русија, трае од самиот почеток на молдавската државност, а прерасна и во воен конфликт во 1992 година. Тоа е област со нерешен статус и претставува континуирана закана за безбедноста на државата.
На брифингот во бриселското седиште на НАТО беше потенцирано дека оваа земја има многу мала армија од само 4.500 војници. Притоа, самата армија е слабо вооружена и неопремена. Оружјето и опремата на одбраната на Молдавија се од далечното советско време.
„Практично, мора да се почне од нула, за да се подобри одбранбената способност на Молдавија“, велат во НАТО.
Пакетот за помош од НАТО за Молдавија вклучува итна помош за оружените сили, подобрување на капацитетите за стратешко планирање, обуки, подобрување на логистиката, менаџмент на складирањето на муницијата, оружјето и опремата и низа други операции.
Политичкото водство на Молдавија инсистира на неутралност и не аплицира за членство во НАТО. Но тоа е политички дел и во тоа НАТО не се меша и нема намера да се меша. Помошта што НАТО ја обезбедува за Молдавија е врз основа на плановите и барањата за интероперабилност и поддршка на безбедноста и стабилноста на земјата. Тоа се прави без оглед на тоа дали таму има планови за зачленување во Алијансата или ќе се држи курсот на неутралноста. Таа ситуација е донекаде слична и со односот на НАТО со Србија, со која постојат различни нивоа на соработка со цел да се подобри интероперабилноста меѓу државата и Алијансата.
Како што може да се забележи, сите три пакети за поддршка на „земјите во ризик“ се различни, односно, тие се прилагодени на условите и потребите на секоја земја одделно.
Што се однесува до Северна Македонија, како најнова членка на НАТО, зависи од капацитетите, но и од волјата на владино ниво, да учествува во пакетите за поддршка на овие земји, особено на Босна и Херцеговина која се наоѓа во нашиот регион.
Од Брисел: Џ. Дерала