Здравствени работници претпладне во тек на паузата протестираа пред Клиничкиот центар и ГОБ „8 Септември“ во Скопје, барајќи покачување на платите и усогласување со промените на минималната плата. Освен во Скопје истовремено протести се одржаа и во други градови низ државата.
– Согласно со европското законодавство, овој упад со нацрт законот за плати, во колективните договори, може да значи укинување или намалување, на правата работниците пропишани на согласно овие колективни договори. За година од првичното покачување на минималната плата и доближувањето на другите пониски профили кон профилот на медицински сестри, се направи збрка во коефициентите. Со најавата за ново зголемување на минималната плата во март, уште повеќе ќе ги доближи другите профили до профилот медицинска сестра, изјави Гордана Димеска од Синдикатот на Клинички центар.
Согласно податоците од Комората на лекари, како што беше нагласено на протестот пред Клиничкиот центар, 2 200 лекари во последните три години ја напуштиле државата.
Пораки за зголемување на платите беа упатени и на протестот пред ГОБ „8 Септември”.
– Да го изразиме незадоволството поради доцнењето на платата, бидејќи доцнеше платата. Продолжуваме со притисокот, незадоволни што се уште не е потпишан анексот за покачување на платите во здравствената дејност. Тоа е основата на протестот, да го свртиме вниманието на надлежните, информираше Љубиша Каранфиловски, претседател на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на РМ.