Украина денес се наоѓа во 376-от ден војна, откако Русија изврши инвазија врз земјата.
Ова се главните теми кои го одбележаа денешниот ден.
Политика
Министерот за одбрана на Соединетите Американски Држави, Лојд Остин денеска изјави дека источниот украински град Бахмут има повеќе симболично отколку оперативно значење и не мора да значи дека Москва ја вратила иницијативата на бојното поле.
Германскиот канцелар Олаф Шолц нагласи дека повлекувањето на руските трупи од украинска територија треба да стане основа за какви било потенцијални преговори со Русија.
Шолц исто така изјави дека ќе има „последици“ доколку Кина испрати оружје во Русија поради војната на Москва во Украина, но додаде оти е оптимист дека Пекинг ќе се воздржи од тоа.
Поранешниот член на Пинк Флојд, Роџер Вотерс се соочи со уште едно откажување на неговиот концерт, бидејќи германската општина Франкфурт неодамна објави дека настапот на Вотерс за претстојниот фестивал нема да се случи. Властите ги навеле неговите политички коментари како причина за откажувањето и го нарекле поранешниот член на Пинк Флојд – антисемит.
Фронт
Руските напаѓачи синоќа извршија ракетен напад врз Краматорск, уништувајќи едно училиште, а гранатирањето во Авдиивка на старите и централните делови на градот продолжи во текот на ноќта.
Украинските власти денеска соопштија дека собориле 13 експлозивни дронови од иранско производство од вкупно 15 лансирани од Русија во текот на ноќта.
Украинската полиција во изминатото деноноќие евидентирала 29 непријателски напади врз 14 населени места во Доњецката област, пријавени се цивилни жртви.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера изјави дека неговата армија е ангажирана во „болна и тешка“ битка против руските сили во регионот Донбас, на истокот на земјата, каде што се наоѓа градот Бахмут.
Подготви: А. Ристески