Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби преку својот Фејсбук профил упати честитка до шефот на дипломатијата Бујар Османи за именувањето за „координатор на чаирскиот огранокот на партијата“.
Груби во честитката посочува дека Османи ја има неговата поддршка во напорите за повторно активирање на структурите во Чаир.
– На Бујар му посакувам успешна работа во координирањето на активностите на Демократската унија за интеграција во Чаир. Покрај онаа на претседателот, Бујар ја има и мојата поддршка во овие напори за повторно активирање на структурите во Чаир по три години недостиг на партиски активности во нашиот огранок и во локалните совети во рамки на огранокот. Ве повикувам сите да се придружите со сите ваши идеи и акции за посилна и пообединета ДУИ во Чаир, вели Груби во честитката.
Според дел од медиумите, на предлог на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, Османи викендов бил именуван за координатор на чаирскиот огранокот на партијата, чиј претседател е пратеникот и партиски потпретседател Изет Меџити, со цел „во оваа фаза да се координираат политичките процеси во Чаир“.