Активистката Кристина Костова, реагира за актуелните настани во однос на родовата еднаквост и новото предлог законско решение за родова еднаквост, изнесени на трибина „Зошто Не за сексуалното образование во училиштата“ во организација на Елеуса Фондацијата.
Таа потсетува дека сите верски заедници и религиозни групи се одвоени од државата и се еднакви пред законот.
„Со член 19 од Уставот на Република Северна Македонија е регулирано дека Македонската православна црква, како и Исламската верска заедница, Католичката црква, Евангелско-методистичката црква, Еврејската заедница и другите верски заедници и религиозни групи се одвоени од државата и се еднакви пред закон. Од ова јасно произлегува дека во Република Северна Македонија нема државна религија“, пишува Костова во објава на Фејсбук.
Костова нагласува дека „приватното верско убедување на политички функционер не смее да се прелее во практикувањето на власта“.
„Државата е секуларна и религијата е одвоена од неа. Тоа значи дека државата нема право да се меша во црковните работи, ниту пак црквата да се меша во државните работи. Приватното верско убедување на политички функционер не смее да се прелее во практикувањето на власта, без разлика дали станува збор за раководење со институции, работа во законодавниот дом или во судската власт“, потенцира Костова.
Ј. Ѓ.