„Ние ги знаеме решенијата на ВМРО-ДПМНЕ, имаа решенија и за спорот со името кое траеше 11 години, никогаш не се случи. Знаеме кое е решението и сега. Јас можам да ви го опишам, конкретно, кое што нема никаква врска со реалноста. Жал ми е што се лаже јавноста, со тврдења кои што ги кажа г-динот Николоски кои што можат да подгреат некакви лажни надежи. На пример кажа дека можно е да одиме понатаму во процесот со ЕУ дури и без уставните измени. Тоа не е можно“ истакна вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во „Студио 10“ на ТВ24.
Тој додаде дека така се залажувавме 11 години дека можеме да одиме на патот кон ЕУ и НАТО без да го решиме спорот со Грција, но тоа не се случи никогаш, а нема да се случи ни сега.
„Не е коректно према граѓаните да се изнесуваат такви теории, затоа што и самите знаат, Николоски е некој кој што оди често и во Брисел и во Стразбур, ги има информациите дека тоа не е возможно. Или второ дека ќе испреговараат подобар предлог: И тоа јасно ни го кажаа и Борел и еве можам да ви кажам еден детаљ од разговорите во Собранието кога Борел им рече не можам да ви гарантирам ништо друго за иднината, освен две работи – дека македонскиот јазик и идентитет нема да бидат чепнати и дека немате шанси да испреговарате подобар предлог од овој“ рече Маричиќ.
Вицепремиерот истакна дека сите европски функционери, но и претставници на земјите-членки на ЕУ порачаа дека нема начин да се ревидира овој предлог и од тоа да се излезе на подобро.
„Овој предлог може само да се сруши и да влеземе една фаза на 15 годишна блокада од Бугарија во која што ќе преговараме со полоши почетни позиции“ рече Маричиќ.