Татко на дете кој вели дека неговото дете оди во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, каде утринава се случи невидена трагедија кога седмоодделенец влегол со пиштол во училиштето и уби други ученици и чувар, напиша на Твитер дека смета дека наставничката на неговото дете е херој, пренесува српски N1.
„Моето дете оди во Рибникар. Го вклучувам телефонот, гори. Одам накај училиште, стигнува порака од наставничката дека ги однела децата во паркот кај Мањеж. Пристигнувам во паркот, момчињата играат фудбал. Се преправам дека се е нормално, додека стомакот ми игра. Наставничката ја задржала присебноста и им рекла дека тоа е вежба“, напишал тој, пренесува српски Данас.
Klinac mi ide u Ribnikar. Palim telefon, gori.Krecem ka skoli,stize poruka od uciteljice da je izvela decu u park kod Manjeza. Stizem u park decaci igraju fudbal.Pravim se kao da je sve normalno, dok mi zeludac igra. Uciteljica zadrzala prisebnost i rekla im da je vezba u pitanju
— Ivan Ašanin (@IvanAsanin) May 3, 2023
„Наставникот за мене е херој. Многу амбулантни возила и полиција на пат кон паркот. Децата и родителите наоколу плачат. Не можам да го опишам чувството. Мислев дека ова никогаш нема да се случи овде. Дури сега, кога детето е дома, ме обзема целосен страв и апсолутна тага“, напиша овој татко на Твитер.
Децата кои беа сведоци на денешната трагедија во Врачар за медиумите изјавија дека наставниците слушајќи го пукањето веднаш ги побрзале учениците да одат на безбедно.
Една од ученичките, која го посетува основното училиште „Владислав Рибникар“, изјавила дека прво мислела дека некој фрла петарди кон училиштето.
„Мислев дека некој фрла петарди по ходниците и не беше ништо сериозно. Но, потоа го видов обезбедувањето како падна на подот, но не затоа што пукаа во него… Потоа се спуштив долу, истрчав и им кажав на наставниците дека мислам дека пукаат. Отидовме на безбедно, но слушнавме повеќе пукање“, раскажува таа, пренесува Танјуг.
Друга ученичка истакна дека наставниците веднаш ги повикале да останат безбедни и да се затворат во училниците.
„Не го слушнав пукањето, но ги видов наставниците од моето училиште како трчаат горе. Го заклучија целото училиште и ни рекоа дека не смееме да излеземе, сите да одиме во училниците. Бевме во кабинетот со поглед од терасата кон дворот на ‘Рибникар’. „Ги видовме полицијата и брзата помош од прозорецот, бевме затворени во училницата“, рече таа.
Осум ученици и чувар загинаа во основно училиште во Белград откако 14-годишно момче пукало со огнено оружје. Шест ученици и еден наставник се тешко повредени, соопшти МВР на Србија.
Повредените се хоспитализирани. Меѓу нив има и во тешка здравствена состојба.
„Во училишниот двор е пронајден и приведен ученикот од ова училиште К.К.(2009), кој е осомничен дека го сторил ова дело. Сите полициски сили се уште се на терен и интензивно работат на расветлување на сите факти и околностите што довеле до оваа трагедија“, се наведува во соопштението на белградската полиција.
Ј. Ѓ.