ДРАГАН МИШЕВ
Путин подготвува нов фронт во неговата војна против Западот. За таа цел се чини дека нема подобра опција од тоа да поттикнува немири на Балканот, мекиот стомак на Европа.
Со оглед на тоа што путиновата „специјална воена операција“ во Украина не оди според планот, ништо повеќе не би посакал Владимир Путин, освен да предизвика избувнување на нов конфликт во Европа. Со тоа би постигнал две цели: Пред домашната јавност, разочарана од неуспесите на фронтот, соочена со падот на животниот стандард поради западните санкции и големата трошење во воени цели и исплашени од неодамнешните напади на руска територија би докажал дека единствен виновник за тоа е Западот и дека Русија не води војна против Украина, туку против НАТО алијансата, целиот Запад од една страна, и, од друга страна би можел да ја примора западната алијанса да ја намали поддршката и да ги пренасочи клучните ресурси кои во моментов се насочуваат кон украинската војска.
Руските цели на Западен Балкан малку се променија во последните години. Русија се стреми да манипулира со своите врски на Балканот за да го одвлече вниманието на ресурсите и вниманието на Западот од постсоветскиот простор, кој Кремљ го гледа како сфера на влијание на Русија.
Во овој контекст, Балканот обезбедува плодна територија каде што Кремљ може да го задоволи својот апетит за политичко мешање со цел да предизвика дополнителни немири во Европа.
Западен Балкан изгледа особено ранлив на зголемениот апетит на Москва да предизвика судири. Зголемените етнички конфликти во регионот, историскиот афинитет кон Русија и огорченоста кон Западот навидум го прават идеално игралиште за Кремљ.
Желбата на Русија да го прошири своето влијание на Балканот се засилува по распадот на Југославија, која ја оживеа конкуренцијата на големите сили во регионот што постоеше со векови. Москва е вознемирена од напорите на Западот да им одобри на поранешните југословенски републики членство во институции како што се ЕУ и НАТО.
За да го следат овој тренд, руските разузнавачки служби активно се обидуваат да ги поткопаат проевропските режими, особено во Црна Гора каде Москва беше обвинета за обид за државен удар за време на парламентарните избори во 2016 година. Во поново време, Кремљ се обидува да ги разгори и да ги искористи нерешените тензии меѓу Србија и Косово, како и оние во Босна и Херцеговина, и ги поттикнува антиевропските сили во Северна Македонија да го попречат отпочнувањето на преговорите за членствона земјата во ЕУ, за да ја прошири својата база на поддржувачи, да предизвика дополнителна нестабилност и да го ослабне влијанието на ЕУ и НАТО.
Логиката е јасна: сè додека интеграцијата на државите од Западен Балкан во евроатлантските институции остане нецелосна, Западот нема да сака да се впушти подалеку и да понуди членство во НАТО и ЕУ на Грузија, Молдавија и Украина. Така, Москва треба да го задржи Западот апсорбиран во балканските работи со застој во решавањето на локалните конфликти, поттикнувајќи меѓуетничка огорченост и промовирајќи антизападно и проруско расположение, кое е традиционално силно во регионот.
Така, актуелните немири кои избија на северот на Косово, од регионални тензии и локални несогласувања, сега, со помош на Москва, имаат потенцијал да ескалираат во многу поголема криза, особено кога луѓето како што е тенисерот Новак Ѓоковиќ, идол на многу Срби, чиј татко Срѓан потекнува од Косово, е подготвен да скокне во одбрана на великосрпската кауза под покровителство на новиот руски империјалзам. Симпатиите на семејството Ѓоковиќ кон Путин секако станаа очигледни уште во јануари на Австралија Опен, кога Срѓан беше виден како позира со навивачите закитен со руски знамиња и симбол „Z“.
Голема улога во инсталирањето на руските интереси на Балканот има руската пропаганда која е особено силна во медиумите на Балканот, особено српските. Балканот традиционално е регион ранлив на руската пропаганда и секакви антизападни наративи, вклучително и оние од конспиративна природа. Ова се должи и на историски детерминираните русофилски и словенофилски традиции, како и на скептичниот однос кон НАТО и предрасудите кон САД. Пред сè, тоа се однесува на Србија и Србите. Во моментов Србија е единствената земја во Европа (со исклучок на Белорусија), каде што руските медиуми не само што не се забранети, туку, напротив, се добредојдени да работат и да се шират (Спутник, РТ). Повеќето медиуми во Србија имаат повеќе или помалку позитивен став кон Русија (вклучувајќи ги и провладините публикации), што е одраз на општествено-политичкото расположение во оваа земја. Спектарот на проруски позитивен став во српските медиуми е различен: од латентен до отворено радикален.
Овој вториов доминира во српските медиумите особено за време на актуелните тензии на северот на Косово.
Треба да се земе предвид дека сегашната русофилија меѓу Србите, која понекогаш добива искрено шокантни форми, дополнително се влоши по целосната инвазија на Русија врз Украина во февруари 2022 година. Од перспектива на српските поддржувачи на Русија, особено на националистите, сегашната руска агресија врз Украина изгледа како еден вид одмазда кон САД, НАТО и колективниот Запад, кога во 1999 година, за време на диктатурата на Слободан Милошевиќ, беа бомбардирани од НАТО, и сè уште постои силно чувство на незадоволство и навреда во однос на Северноатлантската алијанса.
Меѓутоа, во тој контекст, Србите како да не сакаат да го согледаат фактот дека и тогаш поддршката од Путин изостана, односно помеѓу ветуваната руска помош за Србија при конфликт со НАТО, се испречија некои други интереси на Путин.
И сега повторно, Србите, пред сè оние на Косово, помошта очекуваат да дојде од братска Русија и самиот Путин како „бранител“ на православието.
Москва ја користи и дипломатската поддршка на одбивањето на Белград да го признае Косово и за да го поткопа легитимитетот на спорот Србија-Косово додека „поддржува агресивни акции“ за да се спротивстави на косовската власт и да ја поткопа српската подготвеност да соработува со наводните косовски сојузници на Запад.
Оваа недела во северно Косово, моќен симбол на рускиот експанзионизам се појави заедно со српските знамиња што означуваат отпор кон властите во Приштина.
На социјалните мрежи и во медиумите се споделуваа слики од „Z“, што го користат руските сили кои ја нападнаа Украина, насликани или на друг начин исчкртани на возилата на косовската полиција и на мировниците на НАТО.
Група маскирани лица беа фатени на дело како ја бојат „Z“ со спреј врз оклопните сини камиони на косовските специјални полициски единици во Звечан, местото на најголемото насилство на 29 мај.
Истовремено, и во Србија и на објекти на северот на Косово се појавија и симболите на озлогласената платеничка група „Вагнер“, за која се верува дека има свои инсталации и канцеларии за регрутација во Србија.
Се верува дека дека некои платеници на „Вагнер“ се упатиле во Косово, а можеби веќе и активно земале учество во немирите во кои беа повреденини 30-тина припадници на КФОР, а меѓу толпата беа забележани и припадници на безбедносните сили од други градови на Србија.
Времето ќе покаже дали Србија и Србите повторно ќе останат само монета за поткусурување во Путиновите пазарења, и маша за да не си ја изгори раката при разгорување на огнот во срцето на Европа.
Извор: Цивил Медиа