По експлозијата на браната на ХЕЦ Каховка, вкупно 48 населени места се поплавени во регионот Херсон. Од нив, 34 се наоѓаат на територијата под контрола на Украина.
„До 12:00 часот во Херсонската област се поплавени 48 населени места, од кои: 34 (3.625 куќи) се на територијата што ја контролира Украина, 14 се на привремено окупирана територија. Вкупно 2.412 лица се евакуирани. Четири лица загинаа. Единаесет лица се повредени во гранатирање за време на мерките за евакуација. Тринаесет лица се сметаат за исчезнати“, објави на Фејсбук министерот за внатрешни работи на Украина Ихор Клименко.
Тој истакна дека 23 населени места се поплавени во регионот на Миколаев. Според него, евакуирани се 825 лица. Едно лице е убиено.
Како што пренесува Укринформ, руската армија ја разнесе браната на ХЕ Каховка ноќта на 6 јуни. Спасувачките операции и мерките за евакуација на луѓето од поплавените подрачја продолжуваат во опасната зона во регионот Херсон.
Оттаму наведуваат дека ситуацијата останува особено драматична на привремено окупираните територии, каде што Русите го оставија цивилното население без никаква помош, додека пристапот на украинските спасувачки служби до овие луѓе е исклучително тежок или невозможен.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски информираше дека пристапот до вода за пиење е отежнат за стотици илјади луѓе по експлозијата на ХЕЦ Каховка.
Подготви: Ј. Ѓ.