За платформата #деполaризирајсе, која е дел од проектот „Преку деполаризација до демократски, стабилни и вклучувачки институции: Придонес на граѓанското општество“, Институтот за медиуми и аналитика ИМА разговараше со министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Во фокус на ова интервју се активностите кои ги спроведуваат институциите во рамки на започнатите преговори за членство во Европската унија. Во првиот дел од разговорот, министерот Спасовски одговара за прашањата опфатени со скринингот и првиот кластер на преговорите што се однесува на фундаменталните вредности, на функционирањето на демократските институции, реформите во јавната администрација и меѓуресорската соработка, како и за борбата против организираниот криминал и корупцијата.
Спасовски говорејќи за борбата против корупцијата и криминалот, истакнува дека „ако парите што ги стекнуваат на нелегален начин не бидат одземени од криминалните структури тогаш немаме ефикасна борба против криминалот и корупцијата“.
„Секако дека организираниот криминал и корупцијата е еден од приоритетите, меѓутоа, и еден од најголемите предизвици, не за Република Северна Македонија, туку генерално, за сите земји во светот. И покрај организираниот криминал и корупцијата, тука можеме да ги вброиме тероризмот, илегалната миграција, сајбер-безбедност, коишто на долг рок ќе бидат безбедносни предизвици.
Секако дека за држави како што е нашата, или за држави во опкружувањето, клучни се две работи во делот на борбата против организираниот криминал и корупција. Едната работа е да ги јакнеме капацитетите на системот. Кога зборуваме за системот, тоа значи Јавното обвинителство, правосудството и органите коишто спроведуваат закон, заради тоа што сите се меѓусебно поврзани, а барањето на граѓаните е да има след на низа активности коишто се преземаат во истражната постапка, сè до последниот, до издржувањето на казната или до конфискацијата на имот – нешто што е неопходно за да таа борба против криминалот и корупцијата биде ефикасна. Знаете, ако парите што ги стекнуваат на нелегален начин не бидат одземени од криминалните структури тогаш немаме ефикасна борба против криминалот и корупцијата. И ова се однесува генерално на секаков вид на корупција, дали е тоа високата корупција на личности коишто раководат со институциите, или е генерално криминал и корупција на криминалните структури. Сите тие се едно исто, и бара подеднаков одговор од страна на државата во овој дел.
Сметам дека МВР презема навистина низа на активности коишто покажуваат сериозни резултати. Од една страна имаме зголемување на ефикасноста на откривањето на корупцијата, и тоа ни покажува дека и јавната свест за борбата против корупцијата е на едно високо ниво. Втората работа што е важна, што ја споменав на почетокот во однос на борбата против организираниот криминал и корупцијата, е токму промената на јавната свест – менувањето на перцепцијата за борбата против криминалот и корупцијата. Заради тоа што резултатите не се полоши отколку и во државите во Европската Унија во борбата против криминалот и корупцијата. За жал, перцепцијата за државите од регионот е многу полоша од тоа што имаат европските држави, токму заради недоследности во системот, коишто креираат поразлична перцепција од таа што треба да постои. И тоа се два предизвици, со коишто се соочуваме сите ние и како институции и како држава.“, вели Спасовски.
Целото интервју, тука.