НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
Васко Ефтов и емисијата „Во центар“ треба да се следи, а се си мислам дека оној активистички, теоретско-политиколошки свет, оној де, образовно-умниот, оној „дебармаалскиот“ (целиот накитен со лажни „магистрориуми“ и докторати? – кај си докторе, ме боли Црвениот бан, што да се прави!?), слабо го следи и слуша Васко Ефтов. Тврд да ви стојам ако лажам. Ефтов, за волја на вистината, има направено интервјуа со многу пробисвети; слободно може да ги наречеме и „жешки момци на балканскиот асфалт“, ама исто така може да кажеме дека Ефтов има направено интервјуа со многу угледни и силно образовани луѓе кои и ден-денешен важат за силни гласови (и духови) во целиот таканаречен „регион“.
Поводот за овој денешен текст е анализата на Ефтов за „Мицковата дипломатија на хемороиди“: веднаш да се разбереме, оваа кованица е моја, а не е на Ефтов, ама од зборувањето на Ефтов, од неговата анализа, јас влечам метафори или „балончиња“ кои, меѓу писмениот свет, се нарекуваат уште и „метафори во слики“ (го знаат тоа луѓето кои се занимаваат со прозни дела, ама тоа сега е некоја друга тема за која нема да стане збор).
Имено, Васко Ефтов, цитирам по сеќавање, вели, „Мицкоски е суровина, ама повеќе ја посакува победата од СДСМ“. Тука, Васе, делумно е во право. На друго место, Васе вели, цитирам по сеќавање: „Мицкоски им оди ‘на брк’ на Америте, а тие, со вклучена 6-та флота, спремни се сите да ги прегазат бидејќи им ги рушат нивните стратешки интереси на Балканот“. Тука, на ова место, Васе е потполно во право, а ние да одиме на дополнителни аргументации.
Mицкоски, во ова жешко лето, спектакуларно, како што само тој знае, ги фрла сите урлачи и хистерици во сенка, ги фрла во сенка и сите телиња со две глави, така што злобниците може да ги наведе на грешна мисла дека и тој припаѓа во таа подгрупа на македонската фауна. Споменатите животарат исклучиво на територијата на Македонија, ама Мицкоски е глобална појава! Како што е, да речеме, фамозната „божја честичка“, таканаречена бозон. И ако гледате добро, секаде го има. Некаде го има и на две места истовремено. И на сите места кај што Мицкоски се наоѓа не’ брани од Бугарите.
Неговата „кобајаги“ одбрана од Бугарите некои ја нарекуваат „дипломатија на стероиди“, ама јас би ја нарекол со име кое многу повеќе му приличи – Мицкова дипломатија на хемороди.
И би додал уште нешто, а тоа има врска и со тезата на Васко Ефтов: популарноста на овој безначаен егземплар е најдобар показател дека СДСМ мора итно да се стегне и силно организира. Се работи за човек, имено, кој исклучиво комуницира и тесно соработува (и им брца рака во џебовите?) со сите олигарси во оваа земја.
Со помош на разни марифетлуци, гледаме дека тесно соработувал и со фамозниот Орце Камчев, гледаме дека посредно или непосредно сугерирал во аферата „Рекет“? И како што гледаме, кај локалниот простаклук добива купишта восхитувања и славољубења иако и врапците од Ист Ривер знаат дека во светот на политиката е значаен и важен колку што значаен и важен кондуктерот на градските автобуси на Арсовска во Скопје.
Одмотувањето на расипаните марифетлуци на Мицковата партија мора да запре. А за да запре, СДСМ мора во себе да најде мотивирачки пораки дека победата на следните избори и’ е важна. Дека во крајна линија државата на сите граѓани им е важна. Бидејќи, имам впечаток дека никој не слуша што ВМРО-ДПМНЕ ломоти, уште помалку слушаат што ломотат нивните егземплари. Сите слушаат што СДСМ ќе прави, како ги аргументира пораките и во конечноста – со колкава сила и енергија го мотивира своето членство. Со колкава желба и страст работи на победа за денот кога ќе дојдат изборите.
А до тогаш, Мицкоски, онака развластен, хаотичен и безумен, спремен е да продолжи да лаже, хушка и лови во матно. Не му е нему туѓа ниту Русија ако тоа значи власт следната година. Ама исто така тоа значи и нешто друго: успонот на Мицкоски зависи исклучиво од СДСМ и нивната волја за победа. Никогаш и не било до ставот и умот на ВМРО-ДПМНЕ, туку секогаш било до ставот и умот на СДСМ.
Тој што поинаку зборува, не зборува мудро. И лаже. О, и тоа како лаже!
Текстот е личен став на Авторот. Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0. | Извор: Frontline