„Концептот на влез во ЕУ е концепт на македонизација. Концептот на изолација е концепт на бугаризација и приморување на нашите граѓани во очај да вадат бугарски пасош. За прв пат од нас зависи дали ќе одиме во концептот на Европа, концептот на македонизација или ќе останеме во изолација“ рече потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев на ТВ24.
Тој додаде дека верува оти ќе успее процесот на уставни измени и дека сите 120 пратеници ќе сфатат дека земјата се наоѓа на крстопат.
„Не е ова светот што го знаевме до 2020 година. Се случува голем воен конфликт. Се случуваат големи економски потреси, поскапување на енергијата што продуцира поскапувања на се. Ние мора да бидеме на прогресивната страна во човештвото и во Европа“ рече Богоев.
Потпретседателот на СДСМ рече дека можеби и тој има забелешки на предлог-договорот и преговарачката рамка, но е свесен дека подобар договор и подобра преговарачка рамка нема да имаме во иднина.
„Тоа е доволно за мене, со овие поделени карти да знам која е најдобрата варијанта за да ја изиграм. Најдобрата варијанта се уставните измени и побрзо отворање на поглавјата со цел финансиски средства и реформи да дојдат во државата“ рече Богоев.