Ел Мишелињо
Данелита не можеше веќе да копнее по својот љубен Мицкињо, цврсто беше решена да се врати во прегратките на својата „аморе гранде“. И ќе стори се за да успее во тоа. Па зарем вечно да биде одвоена од својот добротвор, од оној што и ги овозможи најголемите успеси во животот, оној, кој единствен ја препозна нејзината менаџерска способност, кој ја гледаше како жена, менаџерка, мајка, кралица (на градот кој планираше да го освои). Оној кој пред нејзините нозе ја посла довербата и гласовите на илјадници свои следбеници, роднини, пријатели, сограѓани и соселани.
Порфавор!
Па зарем за неколку тегли мед и десетина лепливи прсти да се откаже од сесрдната поддршка која ја уживаше од својот Мицкињо. Нека одат по ѓаволите, ќе ги истури по улиците на главниот град.
Еве, ако треба ќе му ја врати статуата од големиот десперадос Ќосињо, која како да му ја оттргнаа од срцето, сокриена некаде во темнината на некој магацин за да ја покрие заборав. Но таа не се предаде, по неколкугодишна потрага ја пронајде фрлена на ѓубриштето на историјата, ја изгланца и сега е подготвена да му ја подари на својот кокетињо во знак на помирување.
За да му се додвори на Мицкињо, ќе ургира и кај првиот сосед , Куртињо, патеката од неговиот двор до кокошарникот да го именуваат по идолот на нејзиниот „ми амор“, големиот латинос револуционерос, кабалерос и пистолерос Тодоралес де Алехандрињо.
А Мицкињо, откако доби дојава дека Данелита е подготвена да му се врати, побрза на терасата од својата Бела палата, и бришејќи ги замаглените стакла од своите наочари со растреперените прсти од возбуда, со нетрпение ги броеше миговите кога ќе ја здогледа својата љубена како му ита во прегратка,
Continúa en el próximo capitulo…
Преземено од Цивил Медиа
Рубриката АХА! е простор за хумор и сатира. Секоја сличност со реалноста е намерна и не е претерана.
FRONTLINE.MK