Европската Унија мора да е подготвена до 2030 за проширување, е пораката од претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел на отворањето на Бледскиот стратешки форум. 2030 е годината која и ние ја определивме како целна година за членство во ЕУ, што е доказ дека со нашите европски партнери имаме иста цел, напиша денеска вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на својот фејсбук профил.
Тој нагласи дека „после 10 години, денес во име на сите држави членки на ЕУ првпат се зборува за временска одредница за следното проширување“.
ЕУ во наредните месеци треба да ги донесе клучните одлуки за проширувањето на ЕУ и за забрзување на реформите и за олеснување на проширувањето, во рамки на европските правила. И ние треба да донесеме важни одлуки за иднината на државата и како сакаме да ја развиваме. Не станува збор само за државнички процес, или пак само за стратешка цел. Се работи за иднината на нашите деца и за успехот на државата, напиша Маричиќ.
Вицепремиерот вели дека „ЕУ испорача временска рамка и дава извесна европска перспектива на регионот за евроинтеграција, затоа чекањето не треба да е стратегијата што ја бираме“.
Според него, наша обврска е да го искористиме моментот и со заедништво да ги завршиме задачите, со посебен фокус на реформите, да побрзаме 2030 Северна Македонија да е држава членка на ЕУ.