Со акробатско летање со авиони и едрилици, прелети во група и низок прелет на патнички авион, падобранци со најголемото државно знаме од воздух, и со изложување на првото летало на македонската авијација, Аероклубот Скопје денеска со свечен настан одбележува „100 години македонска авијација“.
Посочувајќи дека во 1923 година е формиран првиот аероклуб во нашата држава, Аероклубот Скопје, премиерот Димитар Ковачевски, истакна дека нашата авијација помина низ многу предизвици поминувајќи преку разни општествени прилики општествени уредувања, војни кризи и непогоди.
Но, со упорноста и големата верба успеа да ги надмине предизвиците и да добие епитети на почит и уважување. Велам многу предизвици бидејќи скромните почетоци пред 100 години, денес се претворени во солидна база за успеси на македонското воздухопловство, не само на нашата држава, туку и надвор од неа, а тоа го докажуваат и многуте заеднички активности кои нашите пилоти, нашите авијатичари ги реализирале и ги реализираат како преку учество во акции и зачувување на човечки животи во државата, така и преку заеднички и регионални и глобални акции на полето на безбедноста, наведе Ковачевски.
Премиерот за „Илинденка“ рече дека таа отворила пат за создавање серија вакви едрилици кои биле испратени ширум поранешни Југославија каде добивале само пофалби со оценки и кои ги вбројувале меѓу најдобрите во светот. Убаво е кога историјата ни е добро сочувана за да им раскажуваме на помладите генерации кои се денес тука меѓу нас.
Илинденка е произведена во фабриката „20 Мај“ во Скопје. Првиот лет со едрилицата е изведен во 1955 година, а ќе остане запаметена по своето учество на светското едриличарско првенство во Полска, во 1958 година, како дел од тогашната репрезентација на СФР Југославија.
Оттогаш до денес овој воздухоплов беше во Воено техничкиот музеј во Белград, и благодарение на одличните односи коишто ги имаме и со претседателот на Србија, со министерот за надворешни работи Србија и благодарение на нивна помош на директорот на ВТМ во Белград, овој воздухплов денес е во Скопје каде што му е и местото, нагласи Ковачевски, заблагодарувајќи се на српските власти за тоа што е овозможено да се претстави првото летало на македонската авијација.
На настанот меѓу гостите беа и министерот за надворешни работи на Република Србија, Ивица Дачиќ, како и амбасадорот на Италија во Република Северна Македонија, Андреа Силвестри.
Дачиќ, истакна дека нашите земји се определени за дополнително зајакнување на односите за попросперитетна иднина на граѓаните.
Тој посочи дека во подготовките за одбележување на јубилејот учествуваше и Министерството за одбрана на Србија кое на организаторите на аеромитингот им ја отстапи едрилицата „Илинденка“, прво летало произведено на македонска територија во 1955 година според проект на познатиот српски инженер Милош Илиќ.
Илинденка на симболичен начин сведочи за блиската поврзаност на нашите две земји и во областа на воздухопловството, рече Дачиќ.
Претседателот на Аероклуб Скопје, Дејан Саздовски, истакна дека зачетокот на македонското воздухопловство потекнува од едни микро југословенски простори и поврзано е со целата бивша Југославија од самиот свој почеток која почнала пред 100 години во 1923 година од една мала група ентузијасти поддржани од централната влада во Белград.
Тој нагласи дека земјава има и воздухплов, кој летал и луѓето го употребувале којашто во 60-тите години прекинала со операции, а едно или две од нив завршиле во Депото во Музејот во Белград.
Многу напори имаме дадено последниве 30 години за да донесеме барем едно парче во Македонија да може луѓето да го гледаат и да се гордеат на тоа дека нашиот народ вроди нешто и создал нешто што лета, посочи Саздовски.
Инструкторот по падобранство, Јане Стефанов, истакна дека ова ќе биде место посветено за каде што ќе можат да учат младите моделари, пилоти падобранци, младите едриличари.
Сакаме нашиот аеродром да биде зелен, не само тревата да биде зелена туку да биде воден од обновливи извори на енергија. Сакаме нашето небо да биде зелено. Нашето небо не може да биде зелено меѓутоа кога ќе полетаат електрична авиони кон небото тогаш тие може да го направат зелено, рече Стефанов.
Италијанскиот амбасадор во земјава, Андреа Силвестри, изрази особена гордост за овој јубилеј бидејќи се совпаѓа со стогодишнината на италијанската авијација.
Освен тоа, на свеченоста имаше и акробации кои се стандардни за аеромитинзи, а учествуваа и хероите на летните пожари, трите Air Tractor AT-802A Fire Boss на Дирекцијата за заштита и спасување кои ќе летаат во формација, потоа владиниот авион од типот Лирџет 60, полициските хеликоптери и авионот на воените сили Mi-17, а на крајот на програмата во низок лет ќе лета патничкиот авион Ербас А320 на авиокомпанијата Визер.
Специјални гости на јубилејот се авиони од воздушните сили на Србија, Италија и Грција, а посебна атракција се двата суперсонични пресретнувачи MIG-29 на Српското воено воздухопловство кои исто така се дел од овој голем Аеромитинг.