Украинскиот претседател Володимир Зеленски во говорот објавен денеска рече дека ништо нема да ја ослабне борбата на Украина против Русија, еден ден откако американскиот Конгрес усвои закон за привремено финансирање во кој не се споменува Украина. Министерот за одбрана Рустем Умеров одделно истакна дека добил ветувања за дополнителна воена помош во телефонски разговор со американскиот секретар за одбрана Лојд Остин, објавија светските медиуми.
„Секретарот Остин ме увери“, напиша тој на платформата X, дека американската поддршка за Украина „ќе продолжи“ и дека украинските „војници ќе продолжат да имаат силна поддршка на бојното поле“. Портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи изјави дека Кијив работи со своите американски партнери да осигура новата одлука за буџетот да вклучува средства за Украина и дека американската поддршка за Украина останува постојана.
Зеленски, во снимениот говор на Денот на бранителите, не се осврна на гласањето во Конгресот, туку ја повтори својата одлучност за борба до победа. Тој рече дека Украина ќе престане да дава отпор и да се бори на денот на победата. „Како што се приближуваме до неа секој ден, ќе се бориме онолку колку што е потребно“.
Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека републиканците ветиле помош на посебно гласање и дека американската поддршка не може да биде прекината „под никакви услови“. Портпаролот на Министерството за надворешни работи Олег Николенко, исто така, се обиде да ги увери Украинците за идната американска поддршка во коментарите на Фејсбук, велејќи дека претходно одобрените средства не се доведени во прашање.
„Поддршката за Украина останува непоколебливо силна во американската администрација, во двете партии, како и во двата дома на американскиот Конгрес и што е најважно, меѓу американскиот народ“, напиша тој.
Г. Т.