Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска изјави дека е убеден оти ќе има напредок во кандидатурата за членство на Шведска во НАТО по разговорите со неговиот турски колега во Анкара, објави Ројтерс.
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска до парламентот го поднесе предлог-законот за ратификување на членството на Шведска во НАТО, откако овој чекор го одложуваше со месеци.
Предлог-законот мора да биде одобрен од парламентарната комисија за надворешни работи пред гласањето од целото генерално собрание. Ердоган потоа ќе го потпише како закон.
„Убеден сум дека ќе видиме напредување во врска со тоа“, им рече Блинкен на новинарите на аеродромот пред да замине од Анкара, кога беше прашан дали Турција дала некакви гаранции дека ќе го поддржи членството на Шведска во НАТО.
Блинкен истакна дека САД се многу охрабрени од фактот што Ердоган го поднесе протоколот за ратификација до парламентот, додавајќи дека има „заедничка посветеност“ на Анкара и Вашингтон да се осигураат дека Шведска ќе се приклучи на Алијансата.
„Очекувам дека тоа ќе се реализира“, американскиот државен секретар.
Долго неутралните Шведска и Финска минатата година поднесоа барање за влез во НАТО со цел да ја зајакнат својата безбедност по руската инвазија на Украина. Членството на Финска беше запечатено во април, но понудата на Шведска беше задржана од Турција и Унгарија.
Претседавачот на комисијата за надворешни работи на турскиот парламент минатата недела рече дека нема да го забрзаат ратификувањето на членството на Шведска во НАТО, но во текот на викендот, Ердоган потврди дека ќе се обиде да го олесни тоа.
Г. Т.