На сесијата присуствуваа и заменикот на претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, претставници од Секретаријатот за европски прашања, Министерството за економија како и претставници од сите други релевантни национални институции вклучувајќи ги Министерството за надворешни работи, Министерството за финансии, Министерството за животна средина и просторно планирање, Царинската управа, и Бирото за јавни набавки.
Поглавје 30 се фокусира на заедничката трговска политика кон трети земји базирана на мултилатерални и билатерални договори и автономни мерки со цел постигнување правичен меѓународен систем за трговија кој ќе придонесе кон постигнувањето одржлив економски раст и обезбедувањето сеопфатен економски развој на среден и долг рок.
Во однос на трговската политика, Северна Македонија е поддржувач на мултилатералниот трговски систем заснован на правила во Светската трговска организација, со кој обезбедуваме поголема сигурност во трговските односи како мала земја и кој придонесува за промовирање на отворената трговија и повисок економски раст. Премиерот Ковачевски истакна во земјава во процес е ратификација на Референтниот документ за домашна регулатива за услуги и Договорот за субвенции за рибарството. На 30 октомври оваа година, Северна Македонија стана членка на Договорот за јавни набавки во СТО.
„Во однос на рамката на развојната политика, Владата ги прифати Агендата 2030 и целите за одржлив развој во националниот стратешки план, кои се усогласени со Рамката за соработка на Обединетите нации за одржлив развој 2021 – 2025 година и поглавјата на ЕУ во процесот на пристапување во ЕУ. Анализирајќи ги политиките на ЕУ во рамките на Новата агенда за Медитеранот, Северна Македонија стана полноправна членка на Унијата за Медитеранот во ноември минатата година, што е важен политички чин, насочен кон стимулирање на соработката и дијалогот во евро-медитеранскиот регион“ рече Ковачевски.
Говорејќи за усогласување на законската регулатива на Северна Македонија со законодавството на ЕУ кое е обврзувачко за транспонирање во националното законодавство, премиерот истакна дека веќе се работи на измени и нова реулатива во неколку области.
„Министерството за економија веќе ја пренесе регулативата на шемата за сертификација на Кимберли процесот за меѓународната трговија со необработени дијаманти и во моментов подготвува два предлог-закони во областа на спречување на смртна казна и тортура и контрола на извозот на стоки со двојна употреба. Двата предлог-закони се очекува да влезат во сила до крајот на 2024 година. Понатаму, Министерството за надворешни работи усогласувајќи се со хуманитарната политика подготви Закон за меѓународна развојна соработка и хуманитарна помош во странство, кој треба да биде донесен до 2025 година. Овој закон предвидува многу важни чекори за изработка на методологија, стратегија и акциски план до 2030 година“,рече Ковачевски.
Со затворањето на овие поглавја скрининг процесот за Република Северна Македонија ќе биде официјално завршен. Процесот на скрининг започна на 15 септември 2022 и се одвиваше успешно и според утврдената динамика. Досега се одржани објаснувачки и билатерални состаноци, за сите 33 поглавја поделени во 6 кластери.