Големи се разликите меѓу проевропскиот кандидат на коалицијата на СДСМ, Стево Пендаровки и кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска. Ова е оценката на познавачите на политичките збиднувања во земјава.
– Разликата е голема меѓу двајцата главни кандидати за претседател на државата. Актуелниот претседател Пендаровски, и покрај некои ситни грешки кои се нормални во политиката, е најдобриот претседател што никогаш го имала Република Северна Македонија. Тој беше пристапен, внимателен и според мене без никаква политичка пристрасност, заслужува втор мандат, изјави за „Фронтлајн“, Урим Салиу – политички аналитичар.
Разликата со Силјановска, наведува тој, е тоа што таа еднаш ја загубила трката и го нема настапот и пристапот на г-дин Пендаровски – во сите аспекти.
– Таа не може да биде претседател над партиите бидејќи, не е толку прифатена за Албанците. Таа е на линијата на партијата што ја води и не може да го избегне националистичкиот речник кој исто така е поврзан со нејзините позиции во минатото – кои ѝ се познати на јавноста, истакна Салиу.
Од друга страна политичкиот аналитичар Бесим Небиу смета дека предноста на Силјановска е тоа што зад неа стои ВМРО ДПМНЕ која има солидна предност според анкетите и дисциплинирано гласачко тело.
– Во вториот круг, доаѓаат до израз предностите на г-н Пендаровски кој сепак е поприфатлив канидат за неопределените гласачи а и за Албанците, посебно доколку противкандидатот има потврда десничарско-националистичка кампања, подвлече Небиу.
Претседателските избори што треба да се одржат на 24 април – прв круг и на 8 мај – втор круг, ќе бидат седми по ред откако прв пат шеф на државата на непосредни избори се бираше во 1994 година. Парламентарните избори на кои ќе се гласа заедно со вториот круг претседателски избори на 8 мај, ќе бидат 11-ти по ред од 1990 година.
Дестан Јонузи